Шенај Мандак: Театарот е место каде што општеството може да се преиспита

Режисерката Шенај Мандрак зборува за младите во современото општество, за театарот како простор за дијалог и за предизвиците со кои се соочуваат новите генерации театарски уметници во Македонија.

Шенај Мандак е дел од новата генерација македонски режисери кои преку театарот не бараат лесни одговори, туку отвораат простор за разговор. Во нејзините претстави младите, генерациските судири и општествените противречности не се само драмски мотиви, туку начин да се преиспитаат вредностите и реалноста во која живееме.

По забележаните режии на „Поол“ и „Драга Јелена Сергеевна“, со Мандрак разговараме за улогата на театарот денес, позицијата на младите автори во Македонија, значењето на фестивалот „Војдан Чернодрински“ и сонот за театарска сцена која ќе биде поотворена за нови идеи, ризици и гласови.

Трн: Од „Поол“ до „Драга Јелена Сергеевна“ се занимаваш со теми што отвораат непријатни, но важни општествени прашања. Што те привлекува кај ваквите текстови? 

Шенај: Сакам да работам текстови кои отвораат прашања за положбата на младите во современото општество и за механизмите преку кои општеството ги обликува нивните вредности, одлуки и погледи кон светот. Верувам дека токму преку младите најјасно можат да се согледаат состојбите и противречностите на едно време, бидејќи тие секогаш се наоѓаат на пресекот помеѓу наследените вредности и новите општествени реалности. Особено ме интересира генерацискиот судир како простор во кој се судираат различни идеи за моралот, успехот, слободата и одговорноста. Тој судир не го гледам како конфликт помеѓу поединци, туку како одраз на пошироки општествени процеси и промени. Во тој контекст, театарот за мене претставува место каде што овие процеси можат да се направат видливи и да се преиспитаат. Затоа ме интересираат текстови кои не само го прикажуваат  проблемот, туку отвораат простор за критичко размислување за општеството во кое живееме и за одговорноста што ја носиме во неговото создавање.

Трн: Како млада режисерка, дали чувствуваш притисок да се докажуваш повеќе од твоите поискусни колеги? 

Шенај: Не би го нарекла притисок, туку одговорност. Секако дека кога сте на почетокот од патот постои потреба да ја оправдате довербата што ви е дадена и да покажете дека имате јасна уметничка визија и капацитет да ја реализирате. Но мислам дека тоа важи за секој млад автор, без разлика на професијата. Она што за мене е поважно од споредбата со поискусните колеги е континуираното учење и развивање на сопствениот уметнички јазик. Искуството е нешто што се стекнува со време, но љубопитноста, посветеноста и подготвеноста за истражување се нешта што треба постојано да се негуваат. Се разбира, во театарот  постои голема одговорност кон актерите и публиката, но токму таа одговорност ја доживувам како поттик за работа, а не како притисок.

Трн: Дали денешниот театар треба повеќе да поставува прашања или да нуди одговори? 

Шенај: За мене, театарот е простор за дијалог и преиспитување. Неговата сила не е во тоа да му каже на гледачот што да мисли, туку да го поттикне самиот да размислува, да се соочи со различни перспективи и да ги преиспита сопствените ставови. Секако, секоја претстава поседува одреден став, но верувам дека највредните театарски постановки се оние што оставаат простор за сомнеж, за дебата и за активно учество на публиката во создавањето на значењето. Во таа смисла, театарот можеби не нуди одговори, но може да помогне подобро да ги разбереме прашањата што нè засегаат како поединци и како општество.

Трн: Во каква позиција се младите театарски уметници во Македонија денес? Дали имаат доволно простор да создаваат и да бидат видливи? 

Шенај: Мислам дека, и покрај условите, оние што навистина сакаат да работат во театарот секогаш наоѓаат начин да создаваат и да бидат активни. Просторот можеби не е идеален и би можел да биде многу подобро организиран и поддржан, но сепак постои можност за работа и таа се гледа преку различни независни иницијативи и индивидуални вложувања. Верувам дека упорноста и континуираното работење се клучни, затоа што на долг рок тие носат резултати и ја отвораат можноста за поголема видливост и препознавање. Секако, системската поддршка би го олеснила тој процес, но не мислам дека целосно го оневозможува создавањето. Во таа смисла, сметам дека секој што е доволно посветен може да најде свој начин на работа и да го развива својот уметнички јазик, дури и во постојните услови.

Трн: Какво значење има фестивалот „Војдан Чернодрински“ за младите режисери и актери кои допрва го градат својот пат? 

Шенај: Фестивалот „Војдан Чернодрински“ има важно значење за младите режисери и актери затоа што претставува професионална платформа на која тие се претставуваат пред поширока театарска публика. За младите уметници, учеството на фестивалот не е само прикажување на претстава, туку и директно соочување со театарска сцена во земјата. Во тој процес тие можат да ги видат различните режисерски и актерски пристапи, како и да го споредат сопствениот начин на работа со другите. Затоа сметам дека фестивалот има суштинска улога во почетната фаза на професионалниот развој, затоа што овозможува видливост, но и јасна слика за тоа каде се наоѓаме во поширокиот театарски контекст.

Трн: Колку е важно еден млад уметник да добие можност да биде виден на фестивалска сцена? 

Шенај: Мислам дека е многу важно младите уметници да добиваат простор каде што нивната работа може да биде видена во поширок контекст. Фестивалот го овозможува токму ова. Тој не е само средба со публиката, туку и со други автори, естетики и начини на размислување за театарот. Ваквите искуства се особено значајни затоа што ни помагаат подобро да ја согледаме сопствената работа и нејзиното место во рамките на современата театарска продукција. Тоа е процес на учење, размена и преиспитување, кој е неопходен за понатамошен развој.

Трн: Кога би можела да замислиш како ќе изгледа македонскиот театар за десет години, какво место би сакала да имаат младите режисери во него? 

Шенај: Мислам дека за десет години македонскиот театар треба да биде отворен, динамичен и подготвен да им даде доверба на новите генерации. Би сакала младите режисери да не бидат присутни само како „нова надеж“, туку како рамноправни и активни креатори на театарската сцена, со можност да реализираат сопствени идеи и да преземаат уметнички ризици. Важно е да постојат услови во кои нивните различни естетики, перспективи и начини на работа ќе можат да се развиваат и да придонесуваат кон разновидноста на театарот. Верувам дека токму преку поддршка, континуирана работа и меѓусебна соработка, младите режисери ќе имаат можност да создаваат нови вредности и да го збогатуваат македонскиот театар.

Трн: Што те инспирира да останеш во театарот и покрај сите предизвици што ги носи оваа професија? 

Шенај: Она што ме мотивира да останам во театарот е можноста постојано да се создаваат нови светови. Театарот е жив медиум кој се случува во конкретен простор и време, во непосредна средба помеѓу сцената и публиката, и токму таа можност за директна комуникација ја сметам за негова најголема вредност. Секако дека оваа професија носи бројни предизвици, но истовремено нуди можност за постојано истражување и учење. Секој нов процес отвора нови перспективи, нови начини на размислување и нови средби со луѓе и идеи. Можноста преку уметноста да се преиспитуваат одредени општествени и човечки прашања е безценето богатство и нема ништо поубаво од тоа да го работиш она што навистина го сакаш и во кое искрено веруваш.

Трн: Кој е твојот најголем сон како режисерка во следните пет години? 

Шенај: Мојот најголем сон е да продолжам да работам. Да имам можност континуирано да создавам, да истражувам и да реализирам претстави во кои искрено верувам. Верувам дека секој нов процес носи ново учење и нов предизвик, а токму тоа е она што ме движи како режисерка. Сакам да продолжам да растам како рижисер, да работам со различни ансамбли и да создавам претстави кои ќе комуницираат со времето во кое настануваат и со луѓето на кои им се обраќаат. 

Трн: Што би сакала публиката да понесе со себе по гледањето на твоите претстави? 

Шенај: Би сакала моите претстави да поттикнуваат прашања. Не се обидувам преку нив да понудам готови одговори, туку да отворам простор за размислување и дијалог. Ме интересираат теми кои се однесуваат на човекот и општеството, а верувам дека токму театарот може да биде место каде што тие прашања се поставуваат и преиспитуваат. Ако по претставата продолжи разговорот, ако некое прашање остане да одекнува или ако некој погледне на одредена тема од поинаква перспектива, тогаш сметам дека претставата ја остварила својата цел.

е-Трн да боцка во твојот инбокс