Извршниот директор на Nvidia, Џенсен Хуанг, остро ги критикуваше технолошките компании кои масовните отпуштања ги оправдуваат со развојот на вештачката интелигенција. Во интервју за Channel News Asia, Хуанг оцени дека тврдењата оти AI веќе заменил илјадници работни места се „мрзлив изговор“ и начин директорите да ги прикријат вистинските проблеми во компаниите.
„Вештачката интелигенција штотуку пристигна. Како е можно веќе да се губат работни места поради неа?“, изјави Хуанг, додавајќи дека вистинските причини за отпуштањата се растечките трошоци, лошото управување и прекумерното вработување во изминатите години.
Тој смета дека дел од директорите намерно создаваат страв околу AI за да остават впечаток дека нивните компании брзо се адаптираат на новата технологија. Хуанг посочи дека компаниите во моментов трошат огромни средства за инфраструктура и cloud-системи поврзани со вештачката интелигенција, што дополнително врши притисок врз буџетите и вработувањата.
Како пример за спорниот наратив се наведуваат и претходни отпуштања во технолошкиот сектор, меѓу кои и одлуките на Block Inc., компанијата на Џек Дорси, каде дел од отпуштањата беа објаснети со „интелигентни алатки“ и автоматизација. Сепак, Хуанг останува оптимист за иднината на AI. Според него, компаниите што успешно ќе ја интегрираат технологијата ќе станат попродуктивни и попрофитабилни, а тоа на долг рок ќе отвори нови работни места наместо да ги затвора.
Сличен став неодамна изрази и Демис Хасабис, кој оцени дека дел од директорите покажуваат „недостаток на имагинација“ кога вината за отпуштањата ја префрлаат на вештачката интелигенција.