Младите музичари од Македонија имаат можност да учествуваат на меѓународни музички кампови низ светот со финансиска поддршка преку програмата Ethno Mobility. Пријавувањето за 2027 година е во тек, а повикот е отворен до 15 февруари 2027 година
Ethno е меѓународна програма која ги поврзува младите музичари преку традиционалната музика, културната размена и заедничкото музицирање. На камповите се среќаваат учесници од различни земји, кои меѓусебно ги споделуваат музичките традиции од своите култури, учат едни од други и создаваат заедничка концертна програма.

Со цел овие искуства да бидат подостапни, програмата Ethno Mobility нуди финансиска поддршка за млади музичари на возраст од 18 до 30 години, покривајќи ги трошоците за патување, учество и виза, доколку е потребна. Македонија е меѓу земјите чии млади музичари имаат право да аплицираат.
Од Ethno Macedonia до Ethno Jordan – приказната на Мартина Трајковска
Една од младите музичарки кои ја искористиле оваа можност е 23-годишната Мартина Трајковска од Скопје, тамбуристка и професорка по музика во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“.
Нејзината приказна со Ethno започнува во 2023 година, кога како стипендистка на Музичка младина на Македонија за првпат учествува на Ethno Macedonia. Ова искуство ја поттикнува да продолжи да ги истражува можностите што ги нуди меѓународната Ethno мрежа.
Во септември 2026 година, преку програмата Ethno Mobility, Мартина добива можност да учествува на Ethno Jordan, искуство кое го опишува со особена возбуда:
„Досега моето најубаво искуство во животот што сум го имала. Не сакав дома да се вратам! Музициравме, споделувавме наши приказни, создававме нови приказни и беше преубаво искуство.“
Мартина има и едноставна порака за сите млади музичари кои размислуваат дали да се пријават:
„Не е важно дали свириш на традиционален македонски инструмент, или виолина, или пееш… Најважно е да имаш желба да свириш! Да сакаш да запознаваш и да се дружиш со нови луѓе и да запознаваш нови култури и нова музика!“
Како да аплицирате?
Програмата Ethno Mobility е наменета за млади музичари кои имаат потреба од финансиска поддршка за учество на меѓународните Ethno кампови. Стипендијата може да се искористи еднаш, а распределувањето на учесниците на камповите го врши Ethno, со цел создавање разновидни и културно избалансирани групи.
Краен рок за пријавување: 15 февруари 2027 година.
Сите информации, условите и формуларот за аплицирање се достапни на:
Музичка младина на Македонија, како организатор на Ethno Macedonia и дел од меѓународната мрежа на Jeunesses Musicales International, ги охрабрува младите музичари од земјава да ја истражат оваа можност и да станат дел од меѓународната Ethno заедница.
