Според една од теориите, поткрепена со археолошки истражувања, мостот бил изграден во VI век, во времето на византискиот император Јустинијан I. Неговата изградба се поврзува со обновата на градот по разорниот земјотрес во 518 година, кога биле преземени обемни градежни активности низ Византиската Империја.
Втората теорија, која се потпира на историски извори, го сместува градењето на мостот во османлискиот период, за време на владеењето на султанот Мехмед II Освојувачот, меѓу 1451 и 1469 година.
Иако овие две претпоставки се разликуваат за речиси девет века, Камениот мост останува едно од најважните сведоштва за историскиот развој на Скопје.
Во својата првобитна форма мостот имал 13 сводови, должина од 213,85 метри и ширина од 6,33 метри. Изграден бил од травертински камени блокови, прецизно наредени и меѓусебно поврзани со железни кламфи зацврстени со леано олово. Во внатрешноста на столбовите биле употребени кршен камен и малтер, што придонесувале за стабилноста на конструкцијата.
Особено интересен е средишниот столб, во чиј горен дел се наоѓа украсна ниша што служела како стражарница. Во дел од столбовите постојат и внатрешни простории, кои имале двојна намена: да го намалат оптоварувањето на конструкцијата и да овозможат одбранбена функција преку отвори за стрелба.
Низ вековите, мостот ја задржал својата улога како важна врска меѓу двата дела на градот. Денес тој ги поврзува плоштадот Македонија и Старата скопска чаршија, два простора што го претставуваат културното и историското разнообразие на Скопје.
Неговото значење одамна ги надминало границите на архитектурата. Камениот мост е централен елемент на грбот на Скопје, а неговиот лик е претставен и на градското знаме во жолтозлатна боја.
Камениот мост доби ново архитектонско осветлување
Камениот мост доби ново декоративно и архитектонско осветлување, кое свечено го пуштија во употреба градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и градоначалникот на турската општина Есенлер, Мехмет Тевфик Гоксу.
На настанот присуствуваа и турскиот амбасадор Алпер Акташ, извршниот директор на Халк Банка, Фатих Шахбаз, и почесниот конзул Ајдован Адемоски.
Според Ѓорѓиевски, новото осветлување има цел да ја нагласи архитектонската убавина на мостот, особено неговите карактеристични камени сводови, и да придонесе за зачувување и промоција на културното наследство на градот.
„За скопјани, такво место е Камениот мост. Во неговиот камен се врежани векови историја. На него се среќавале генерации, започнувале пријателства и се создавале спомени што траат цел живот“, изјави Ѓорѓиевски.
Проектот произлегува од Протоколот за пријателство и соработка меѓу Град Скопје и Општина Есенлер во Турција.
Со новото осветлување, еден од најстарите и најпрепознатливи симболи на Скопје добива поинаков ноќен изглед. Но неговата најголема вредност останува во историското и културното значење што го носи, како архитектонски споменик што со векови ги поврзува двата брега на Вардар и различните генерации скопјани.
Реконструкцијата од 2004 година: Нов изглед, но и контроверзии
Камениот мост низ вековите бил повеќепати обновуван, а последната голема реконструкција започнала во деведесеттите години од минатиот век и продолжила во почетокот на 2000-тите, во периодот кога градоначалник на Скопје бил Ристо Пенов.
Во текот на реконструкцијата биле направени значајни интервенции на изгледот на мостот. Во 2004 година старата железна ограда била заменета со камени блокови од травертин, а со истиот материјал била обновена и површината за движење на пешаците. Целта била да се врати изгледот на мостот поблизок до неговата историска архитектура.
Сепак, обновата предизвикала реакции во јавноста, особено поради отстранувањето на железната ограда. Дополнителна контроверзија се појавила во 2002 година, кога за време на градежните активности се урнала стражарницата, еден од препознатливите архитектонски елементи на мостот. Таа била повторно изградена во 2008 година.
Во финансирањето на реставрацијата учествувале и странски и домашни донатори. Јапонската влада донирала 75.000 евра, а Скопската пиварница 50.000 долари. Според поранешниот градоначалник Пенов, стручниот дел од проектот го водел тогашниот Завод за заштита на спомениците на културата на Скопје, додека Градот бил задолжен за обезбедување средства и спроведување на тендерските постапки.
Со тогашната реконструкција било поставено и ново осветлување, но со текот на годините дел од светилките биле оштетени или престанале да функционираат.
Токму затоа, новото архитектонско осветлување претставува продолжување на интервенциите на еден од најзначајните споменици на културата во Скопје. Истовремено, искуствата од претходната реконструкција потсетуваат дека секоја интервенција на заштитено културно наследство бара внимателен пристап кон неговата автентичност и историска вредност.
