Редок документ од осигурувањето на „Титаник“ оди на аукција, проценет е до 50.000 фунти

Оригинален документ за осигурување на „Титаник“, потпишан само неколку недели пред потонувањето на бродот, ќе биде понуден на аукција на 21 ноември во англискиот град Девизес. Аукциската куќа „Хенри Олдриџ и син“ ја проценува неговата вредност на меѓу 30.000 и 50.000 фунти.

Станува збор за документ од архивата на осигурителната компанија „Атлантик мјучуал“, кој го евидентира нејзиното покритие од 100.000 долари за трупот на бродот. Тоа е дел од поширокото осигурување на „Титаник“, а не целокупната осигурена сума.

Документот бил потпишан на 27 март 1912 година, а покритието било предвидено за една година, почнувајќи од 30 март. Особено внимание привлекува рачно напишаниот додаток со кој осигурувањето го опфаќало и патувањето од Белфаст до Саутемптон, како и пробните пловидби.

Токму овој запис му дава посебна историска вредност: сведочи за подготовките и заштитата на бродот уште пред на него да се качат патниците за првото прекуокеанско патување.


„Титаник“ удрил во санта мраз на 14 април 1912 година и потонал во Северниот Атлантик. Според историските податоци на „Лојдс“, бродот бил осигурен на вкупно еден милион тогашни британски фунти, а осигурителите го исплатиле побарувањето во рок од 30 дена по катастрофата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс