Директорката на британската сајбер-разузнавачка агенција GCHQ, Ен Кист-Батлер, предупреди дека вештачката интелигенција станува „незапирлива сила“ која сè почесто се користи во хибридни конфликти и сајбер-операции што се на граница меѓу мир и војна.
Говорејќи во Блечли Парк, историскиот британски центар за дешифрирање кодови од Втората светска војна, Кист-Батлер изјави дека Западот се соочува со сериозен ризик да ја изгуби сајбер-битката против Русија и други противници доколку не ја сфати кибер-безбедноста многу посериозно.
„AI е незапирлива сила со огромни можности, но и со сериозни ризици“, порача таа, предупредувајќи дека алгоритмите веќе се „оружје“ во модерните геополитички конфликти.
Кист-Батлер директно ја обвини Русија дека постојано таргетира критична инфраструктура, демократски процеси, енергетски системи и јавната доверба во Европа. Според неа, Москва ги проширува хибридните активности „од морското дно до сајбер-просторот“.
Таа истакна дека особено внимание се посветува на заштитата на подводните кабли и енергетските цевководи околу британските води, поради стравувањата од саботажи и сајбер-напади. Во говорот беше посочено и дека западните разузнавачки служби бележат зголемени сајбер-операции поврзани со Русија во повеќе европски земји, меѓу кои Шведска, Полска, Данска и Норвешка.
Кист-Батлер предупреди и дека брзиот развој на AI дополнително ја менува глобалната безбедносна рамнотежа, особено поради напредокот на Кина во науката и технологијата. Според неа, GCHQ веќе работи на интегрирање на напредна AI-технологија во системите за автоматска сајбер-одбрана, со цел побрзо откривање закани и анализа на огромни количини податоци.
Говорот доаѓа во период на засилени тензии меѓу Западот и Русија, како и зголемени предупредувања од европските и американските безбедносни служби за растечки ризик од сајбер-конфликти и хибридни операции.