Северна Кореја ги критикуваше Соединетите Држави поради продажбата на оружје и воената поддршка за Тајван, порачувајќи дека Вашингтон со тоа поттикнува тензии во Тајванскиот Теснец, објави севернокорејската државна агенција КЦНА. Во коментарот на КЦНА, кој се повикува на севернокорејскиот аналитичар за меѓународни прашања Ким Мјонг Чол, се наведува дека американската политика кон Тајван го нарушува мирот и стабилноста во регионот.
Во коментарот се осудува и пристигнувањето на американските борбени авиони што САД му ги продадоа на Тајван. Северна Кореја порача дека САД „би требало двапати да размислат дали се подготвени да влезат во директен конфликт со моќната национална сила на Народна Република Кина заради безбедноста на Тајван и дали можат да се носат со последиците“.
Првите два од вкупно 66 нови борбени авиони Ф-16В Блок 70 (F-16V Block 70), нарачани во 2019 година, минатата недела пристигнаа на Тајван, кој се соочува со сè поголема воена закана од Пекинг. На самитот во Пјонгјанг во јуни, севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун му рече на кинескиот претседател Си Џинпинг дека целосно ќе го поддржи принципот на една Кина.
Пекинг под тој принцип подразбира дека двете страни на Тајванскиот Теснец ѝ припаѓаат на една земја, независно од промените во меѓународната ситуација. На средбата внимателно се разговараше и за одбранбената соработка. Си изјави дека двете страни ќе ја интензивираат размената во областа на дипломатијата, спроведувањето на законот, војската и други области, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи.
Кина демократски управуваниот Тајван го смета за своја територија и го опишува како јадро на сите јадра кога станува збор за односите на Пекинг со другите земји. Пекинг бара да нема никаква форма на официјални контакти меѓу тајванските и странските лидери.
Тајванската влада тврди дека Пекинг нема право да полага право на островот ниту да го претставува на меѓународната сцена. Кина, сојузник на Северна Кореја, исто така во повеќе наврати побара од Вашингтон да ја прекине продажбата на оружје за Тајван. Соединетите Држави со закон се обврзани да му обезбедуваат на Тајван средства за самоодбрана, и покрај тоа што двете страни немаат формални дипломатски односи.
Во одделен извештај на КЦНА, севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун вети продолжување на поддршката за Русија и нејзините воени напори во роденденската порака до претседателот Владимир Путин. Ким рече дека Пјонгјанг ќе продолжи да ја проширува заедничката соработка во рамките на сеопфатното стратешко партнерство на двете земји.
Тој додаде дека е уверен оти руската „света војна на правдата“ за одбрана на суверенитетот, безбедносните интереси и територијалниот интегритет ќе заврши со победа, објави КЦНА. Во пораката експлицитно не се споменува руската војна во Украина.
Северна Кореја од 2024 година испрати, според проценките на Украина и Јужна Кореја, меѓу 14.000 и 15.000 војници за да ја поддржи Русија во конфликтот со Украина. Врските меѓу Северна Кореја и Русија нагло зајакнаа откако Путин и Ким во јуни 2024 година потпишаа договор за взаемна одбрана.
