Сестрата на Ким Јонг Ун: Северна Кореја нема да се откаже од нуклеарното оружје, Си Џинпинг пристигнува во Пјонгјанг

Ким Јо Јонг порача дека Северна Кореја никогаш нема да се откаже од статусот на нуклеарна сила. Во меѓувреме, кинескиот претседател Си Џинпинг пристигнува во ретка посета на Пјонгјанг.

Северна Кореја нема намера да се откаже од својот нуклеарен арсенал и ќе продолжи да го зајакнува својот одбранбен капацитет, изјави денеска Ким Јо Јонг, влијателната сестра на севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун.

Во изјава пренесена од јужнокорејската агенција Јонхап, таа нагласи дека Пјонгјанг никогаш нема да се откаже од статусот на нуклеарна сила и предупреди дека земјата нема да толерира никакви закани по својата безбедност.

Ким Јо Јонг истовремено ги отфрли како „невистинити“ тврдењата дека Си Џинпинг и Доналд Трамп за време на нивната средба во мај ја потврдиле целта за денуклеаризација на Корејскиот Полуостров.

„Ние имаме најточни информации за тоа дали ваквите тврдења се вистинити или не“, изјави таа, обвинувајќи го Вашингтон за ширење „лажни информации“.

Изјавата доаѓа само неколку дена откако Северна Кореја претстави нов капацитет за производство на нуклеарен материјал. При посетата на постројката, Ким Јонг Ун повика на „експоненцијално“ зголемување на нуклеарниот арсенал на земјата.

Во меѓувреме, кинескиот претседател Си Џинпинг утре треба да пристигне во официјална посета на Северна Кореја, што ќе биде негова прва посета на Пјонгјанг по речиси седум години.

Според кинеското Министерство за надворешни работи, Си ќе одржи разговори со Ким Јонг Ун за билатералните односи и актуелните регионални и меѓународни прашања.

Посетата се смета за важен сигнал за зајакнување на врските меѓу Кина и Северна Кореја во време на растечки геополитички тензии во Источна Азија и засилените безбедносни предизвици поврзани со севернокорејската нуклеарна програма.

е-Трн да боцка во твојот инбокс