36-годишен скопјанец пред притвор за семејно насилство и закани со нож врз целото семејство

ОЈО Скопје поведе постапка против 36-годишен скопјанец осомничен за семејно насилство, закани со нож, повреди на членови на семејството и предизвикување општа опасност.

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 36-годишен скопјанец, осомничен за семејно насилство, закани кон членови на семејството и предизвикување општа опасност. Обвинителството побара притвор поради опасност од бегство и ризик од повторување на делото.

Според Обвинителството, настанот се случил синоќа околу полноќ во семеен дом во Скопје. Осомничениот најпрво почнал да вика и да упатува закани кон сопругата и нивните две малолетни деца, на возраст од шест и четири години.

Кога сопругата побарала од него да престане со агресивното однесување, тој ја фатил за раката и ја турнал, при што таа се здобила со телесни повреди.

Инцидентот потоа дополнително ескалирал. Според наводите на Обвинителството, осомничениот почнал да ја крши покуќнината во домот, а во еден момент зел клуб маса и замавнал кон мајката на сопругата. Таа се здобила со повреди во пределот на ногата и градниот кош.

Обвинителството наведува дека осомничениот упатувал сериозни закани кон присутните членови на семејството, порачувајќи дека ќе ги убие. Во еден момент, според наводите, се заканил и кон едно од своите деца, а потоа извадил нож со кој замавнувал кон членовите на семејството, предизвикувајќи страв и чувство на загрозеност кај оштетените.

Сопругата успеала телефонски да ги повика својот татко и брат да дојдат на помош. Но, и по нивното пристигнување, осомничениот продолжил со агресивното однесување и им се заканувал со нож.

Според информациите од Обвинителството, тој потоа го пуштил во дворот и своето куче од расата шарпланинец. Кучето нападнало еден од оштетените и го гризнало во пределот на надлактицата и потколеницата, нанесувајќи му повреди.

Постапката против осомничениот се води за кривични дела телесна повреда, загрозување на сигурноста и предизвикување општа опасност.

Поради сериозноста на случајот, јавниот обвинител до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор. При барањето за притвор, Обвинителството ги земало предвид околностите што укажуваат на можност за бегство, како и ризикот од повторување на насилството врз членовите на семејството.

е-Трн да боцка во твојот инбокс