Во изминатото деноноќие во Министерството за внатрешни работи се регистрирани пет пријави за семејно насилство, при што две лица се лишени од слобода.
Според МВР, вчера во 15:30 часот на улицата „Браќа Ѓиноски“ во Гостивар, полициски службеници го лишиле од слобода А.М. од Гостивар. Полицијата постапувала по претходна пријава од неговата сопруга, која пријавила дека во семејниот дом била физички нападната и дека ѝ биле упатени закани по нејзиниот живот и животот на нејзини блиски.
Истиот ден, во 21:10 часот, во гостиварската населба „Бањешница“, полициски службеници го привеле Ѓ.Ш. од Гостивар, по пријава за агресивно однесување кон неговата мајка. Од МВР наведуваат дека лицето се однесувало агресивно и кон полициските службеници.
Во Скопје, вчера во 15:45 часот, 19-годишна девојка пријавила дека на 2 мај, во дом на подрачјето на Кисела Вода, таа и нејзината мајка биле физички нападнати од нејзиниот татко.
Исто така, вчера во 14:45 часот во СВР Скопје, 75-годишна жена пријавила дека на 3 мај, во дом на подрачјето на Кисела Вода, била физички нападната од нејзиниот син и неговата сопруга, при што бил оштетен и дел од покуќнината.
Во СВР Тетово, вчера во 7:05 часот, 30-годишна жена од Тетово пријавила дека нејзиниот поранешен партнер од Скопје ја следел и вознемирувал.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за расчистување на случаите. По нивно целосно документирање, против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави.