Државниот завод за статистика изброи 101.022 неформално вработени лица во Македонија, што значи дека приближно секој седми работник во земјава нема пријавен работен однос, здравствено и пензиско осигурување. Бројот на луѓе кои заработуваат во нерегистрирани бизниси или како неплатени семејни работници бележи раст од 7,2 отсто во однос на претходниот квартал, покажуваат официјалните податоци од последната Анкета за работната сила.
Повеќе од половината од сите неформално вработени се концентрирани во земјоделството, шумарството и рибарството. Во овој сектор ДЗС евидентираше 51.487 лица, односно 51 отсто од вкупната бројка. Втор најголем базен за работа без договор е градежништвото, каде што работат уште 17,2 отсто од овие работници.
Статистиката забележува дека сезонскиот карактер на овие две дејности директно ги диктира скоковите кај сивата економија, оставајќи десетици илјади физички работници без социјална заштита и сигурност кога ќе заврши сезоната.
Вкупното активно население брои 798.718 лица, од кои како формално вработени се водат 708.698, додека 90.020 лица се регистрирани како невработени. Овие бројки ја позиционираат официјалната стапка на невработеност на 11,3 отсто, со стапка на активност од 52,5 отсто и стапка на вработеност од 46,6 отсто. Во споредба со истиот период лани, бројот на вработени бележи скромен раст од еден отсто, додека невработеноста е намалена за 1,5 отсто.
Податоците на ДЗС рефлектираат и родов дисбаланс. Мажите доминираат на пазарот на труд со удел од 57,7 отсто меѓу вработените, додека жените сочинуваат 42,3 отсто. Кај невработените лица, мажите учествуваат со 63,6 отсто наспроти 36,4 отсто жени.