Search

Елена Стојановска Јанковска: Две кафиња, семеен ручек и серија

Во недела наутро:

Моите најблиски веднаш ќе ви кажат дека за мене спорт во недела не е посакувана опција. Уживам во кафе, со книга, се гушкам со ќерката Илина и се договарам со сестра ми каде да одиме некаде на сонце на второ кафе.

Неделен ручек:

Ги сакам неделните ручеци и се ми е во опција. Понекогаш готвам дома, најчесто по желба на Илина, понекогаш ручаме надвор ама сепак моите највкусни неделни ручеци се кога одиме кај мојата мајка или мајката на мојот партнер.

Недела попладне:

Недела попладне ми е време за релаксација. Читам книги, гледам серии, а често се одлучуваме и за семејна прошетка. Под мојата зграда има и едно убаво кафуле па знам да се симнам со ќерката и да се подружиме со нашите драги соседи.

Понекогаш Илина има за учење, сега е шесто одделение, па доколку има потреба сакам и да и помогнам. Се на се, нема простор за депресија во недела попладне.

Неделно опуштање:

Недела е баш синоним за опуштање. Тоа е ден за најблиските и семејството, бидејќи со нив сум навистина слободна и своја. Во недела сакам да ги видам моите родители, сестра ми, а искрено немам ништо против и половина ден да ми помине во пижами. Убаво е да се појде и на некое кусо патување или надвор од градот на ручек, но поради зафатеност оваа опција понекогаш ми е многу авантуристичка.

Недела навечер:

Недела навечер е поврзана со подготовки за понеделникот и се зависи од тоа, дали сум јас на утринската програма на Сител, во емисијата „Ја сакам Македонија“. Се подготвувам јас, ама ја подготвувам и Илина за нејзината учебна недела и гледам да одиме во кревет порано за да бидеме свежи за новите понеделнички предизвици. Кога на програма се моите други колеги тогаш сум повеќе опуштена, па сакам во недела навечер дури и да излезам со другарките, да гледам филм или серија и така денот го завршувам во уживање и пријателство.

Недела во детството:

Ах, колку беше одамна, но мене спомените од раното детство ми се многу драги. Речиси секоја недела доаѓаше мојот дедо на ручек. Со сестра ми, посебно кога почнуваше пролет, се симнувавме пред зграда и игравме детски игри кои денес и се заборавени од новите генерации.

Се менувавме со украсни салфетки и ливчиња и пред вечера преморени се враќавме дома. Следуваше капење и навечер моите ја гледаа серијата “Подобар живот”, па пред спиење им се придружувавме и ние.

А утре што е понеделник?

Сеедно ми е, се радувам што е понеделник. На некој начин ќе оствариме нов почеток, за некого ќе значи нов работен успех, за некого нова средба со некој драг, за некого можеби убаво патување. Сакам да уживам во секој ден и секој ден го доживувам како подарок.

Најново

Последни колумни