Украина погоди руски вселенски центар и воен аеродром, нападната и нафтена постројка

Украина соопшти дека погодила руски ракетен и вселенски центар во Самара, воен аеродром и нафтен објект во Уст-Луга. Руските власти потврдија штета на индустриска инфраструктура.

Украинската армија погодила руски ракетен и вселенски центар во Самара, како и воен аеродром што се користел како база за борбени авиони, соопшти украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Локалните власти во Самарската област потврдија дека во украинскиот напад била погодена индустриска инфраструктура, но не открија за кој конкретен објект станува збор.

Градоначалникот на Самара, Иван Носков, соопшти дека руската противвоздушна одбрана се соочила со, како што го опиша, „огромен напад“.

Според него, индустриската инфраструктура во Самара претрпела ограничена штета, без дополнителни детали за последиците.

Погоден и воен аеродром

Зеленски соопшти дека меѓу целите бил и руски воен аеродром кој служел како база за борбени авиони.

Украина во изминатиот период повеќепати изведува напади врз воени и енергетски објекти длабоко на руска територија.

Во Самарската област претходно беше цел и нафтената рафинерија во градот Сизран, на реката Волга. Нападите се дел од украинската кампања насочена кон инфраструктурата што Киев ја смета за важна за финансирањето и поддршката на руските воени операции.

Нападнато и постројка во Уст-Луга

Украинските сили погодиле и руски нафтен објект во Уст-Луга, соопшти Зеленски, додавајќи дека постројката била оштетена.

Тој не прецизираше за кој објект станува збор. Ројтерс претходно објави дека Украина погодила и руска постројка за преработка на природен гас во балтичкото пристаниште Уст-Луга.

Последните напади покажуваат дека Киев продолжува со удари врз руски воени, енергетски и индустриски капацитети, додека војната меѓу Русија и Украина трае повеќе од четири години.

е-Трн да боцка во твојот инбокс