Реален тест: Која Кока-кола е највкусна – од пластика, лименка или стакло?

Тестот на популарниот газиран пијалак покажа дека алуминиумот најдобро ја чува свежината, додека пластиката потфрли во интензитетот.

Тестирањето на слепо спроведено меѓу потрошувачи покажа дека Кока-колата од лименка нуди најдобар вкус, оставајќи го зад себе стакленото шише, додека пластичната амбалажа заврши на последното место. Со преврзани очи и конзумирање исклучиво преку цевка за да се елиминира секаков допир со пакувањето, испитаниците оценуваа само според свежината и газираноста. Резултатите од тестирањето спроведено од хрватскиот портал Индекс потврдија дека материјалот на пакувањето прави мерлива разлика при секојдневната консумација.

При слепото дегустирање, примерокот од лименка едногласно доби највисоки оценки за полнота на вкусот и острина на меурчињата. На второ место заврши пијалакот од стаклено шише, иако општото уверување кај купувачите е дека стаклото дава најчисто искуство.

Пластичната амбалажа се најде на самото дно според впечатоците на дегустаторите. Ова директно кореспондира со физичките својства на полиетилен терефталатот (PET пластика), кој за разлика од металот и стаклото, со тек на време пропушта микроскопски количества гас низ ѕидовите на шишето.

Иако стаклото важи за целосно непропустлив материјал кој не влегува во реакција со течноста, алуминиумската лименка нуди предност при ладењето и заштитата од сончева светлина. Внатрешната полимерна обвивка кај современите лименки спречува директен контакт на киселиот пијалак со металот, што овозможува максимално конзервирање на оригиналната фабричка рецептура.


Слепиот тест истовремено опфати и други артикли како вода и мајонез. Кај водата дегустаторите не забележаа практична разлика меѓу пластика и стакло, но кај мајонезот најдобро се покажа кесичката, додека стаклената тегла беше оценета најслабо поради поголемата изложеност на воздух при отворањето.

е-Трн да боцка во твојот инбокс