Ако барате брзо, лесно и освежително предјадење за топлите летни денови, ракчињата со салса од авокадо се одличен избор. Комбинацијата од нежни морски плодови, кремасто авокадо, свеж зеленчук и лимон изгледа ефектно на чинија, а за подготовка не ви треба ниту половина час.
Рецептот е едноставен и не бара многу готвење – ракчињата се варат само неколку минути, додека остатокот од времето е потребен за подготовка на свежата салса и сервирање.
Потребни состојки
- исчистени ракчиња
- авокадо
- свеж домат
- млад кромид
- свежа краставица
- свеж власец
- лимон
- сол
- бибер
- маслиново масло
Подготовка
Ракчињата кратко сварете ги во посолена вода во која сте додале неколку капки сок од лимон. Варете ги околу три минути, а потоа процедете ги и оставете ги целосно да се изладат.
Додека ракчињата се ладат, подгответе ја салсата. Авокадото, доматот, краставицата и младиот кромид исечкајте ги на ситни коцки и ставете ги во сад.
Зачинете со малку сол, свежо мелен бибер, неколку капки сок од лимон и маслиново масло. Сè нежно промешајте за парчињата авокадо да не се распаднат.
Изладените ракчиња зачинете ги со малку сол и маслиново масло, а потоа послужете ги заедно со подготвената салса од авокадо. На крај додајте ситно сечкан свеж власец.
За поефектно сервирање, ракчињата и салсата можете да ги послужите во издлабените половини од кората на авокадото. Ако сакате малку пикантен вкус, во салсата додајте и ситно сечкана свежа чили пиперка.
Резултатот е свежо, лесно и вкусно јадење кое одлично одговара како летно предјадење, но може да се послужи и како лесен оброк во топлите денови.