Атина ќе станува Дубаи во Европа: Проектот Елиникон ја менува урбаната карта на градот

Поранешниот аеродром прераснува во најголемиот паметен град на континентот вреден осум милијарди евра, со станбени кули, марина и огромен крајбрежен парк.
Фото: Τhe Ellinikon

На местото на напуштениот меѓународен аеродром во Атина започна изградбата на Елиникон, најголемиот проект за урбана регенерација во Европа вреден околу осум милијарди евра. Инвестицијата предвидува целосно нов крајбрежен град од темел на површина трипати поголема од Монако. Додека властите и инвеститорите ветуваат економски замаец и десетици илјади нови работни места, плановите за облакодери и луксузни резиденции веќе отвораат дилеми околу цената на домувањето и јавниот пристап до крајбрежјето.

Просторот на поранешниот аеродром во јужниот дел на Атина повеќе од две децении стоеше речиси целосно запуштен. По затворањето во 2001 година и кратката намена на дел од хангарите за потребите на Олимписките игри во 2004 година, локацијата остана симбол на долгата грчка должничка криза и бирократските блокади.

Сега приватниот инвеститор Lamda Development таму гради самоодржлив кварт што ќе се протега на над шест милиони квадратни метри. Планот опфаќа приближно 9.000 станбени единици, трговски центри, хотели, казина, спортски комплекси и марина за јахти. Целиот проект се развива врз концептот на „15-минутен град“, каде жителите треба да ги задоволат сите дневни потреби пеш или со велосипед.

Централен елемент во урбанистичкиот план е крајбрежниот парк Елиникон. Со предвидена површина од околу два милиони квадратни метри, тој ќе биде двојно поголем од лондонскиот Хајд Парк и ќе претставува најголем јавен зелен простор во Атина, град кој со децении страда од недостиг на урбано зеленило и летни топлотни бранови.

Проектот носи и архитектонска пресвртница за грчката престолнина, каде традиционално важеа строги ограничувања за висината на зградите поради Акропол. На брегот веќе се крева Ривиера Тауер (Riviera Tower), станбена кула од 50 ката дизајнирана од Foster + Partners, која со своите 200 метри ќе биде највисоката градба во земјата.

Грчката влада очекува проектот да создаде над 75.000 работни места и да придонесе со повеќе од 2,4 отсто во домашниот бруто-производ. Политичкиот врв го промовира Елиникон како неповратен доказ за економското закрепнување на земјата и привлекувањето странски директни инвестиции.

Но, локалните урбанистички организации и граѓанските здруженија предупредуваат на поинаква реалност. Продажбата на првите луксузни апартмани по цени недостапни за просечните граѓани ги подгрева стравовите од забрзана гентрификација. Во услови кога Атина веќе бележи драматичен скок на кириите и недостиг на достапно домување за младите семејства, изградбата на елитен затворен кварт ризикува дополнително да го продлабочи социјалниот јаз.

е-Трн да боцка во твојот инбокс