Книжевниот избор „Штефица Цвек“ првпат ќе се одржи во Скопје

Петтото издание на регионалниот книжевен избор „Штефица Цвек“ ќе се одржи на 3 октомври во Скопје, првпат од неговото основање. Прогласувањето на избраните книги и разговорната програма ќе почнат во 19:30 часот во КСП „Јадро“, во рамки на Фестивалот за критичка култура – КРИК.

Изборот опфаќа феминистички, квир и други политички ангажирани книжевни дела објавени на македонски и на јазиците од босанско-хрватско-српско-црногорското говорно подрачје. За разлика од наградите што издвојуваат еден победник, „Штефица Цвек“ избира повеќе книги и поттикнува разговор за нив.

Името е преземено од ликот во романот „Штефица Цвек во челустите на животот“ на Дубравка Угрешиќ. Организаторите велат дека со изборот сакаат вниманието да биде насочено кон текстовите и кон заедништвото меѓу авторите и читателите.

По програмата во „Јадро“, од 21:30 часот во „Љубов бар“ ќе следува забава со DJ Disco Ninja. Настанот го организираат Коалиција МАРГИНИ, Pobunjene čitateljke, Naratorium и Booksa. Годинешната тема на фестивалот КРИК е „Грижа: начини да се биде заедно“.

Изборот се реализира со поддршка од Kvinna till Kvinna Foundation, Heinrich Böll Foundation – Sarajevo и Rekonstrukcija Ženski fond. Дизајнот на постерот е на Игор Делов.

е-Трн да боцка во твојот инбокс