Седум жени не го дочекаа овој 25 ноември затоа што државата констатира фемициди, а не ги превенира

Иницијативата „Ниту една повеќе“ денес од 17 часот организира протест во паркот „Жена борец“ во Скопје и бара итни законски измени до 10 декември.
ФОТО: Јордан Серафимов - Јоцка

Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените Македонија оваа година го дочекува со седум фемициди и зголемен број на пријави за семејно насилство поради што ќе се одбележи со протест на иницијативата „Ниту една повеќе“ во паркот „Жена борец“ во Скопје од 17 часот.

Општество кое жените ги учи како да не провоцираат насилство, наместо да го спречува и казнува, повеќе не е опција, порачуваат организаторките на денешниот протест во Скопје во изјава за Трн.мк. Тие порачуваат дека ова е протест на гнев и солидарност и непомирување со фактот дека насилството е секојдневие и ги повикуваат граѓаните да кажат „Ниту една повеќе“.

ФОТО: Јордан Серафимов – Јоцка

„Доста е од институционално лицемерие, неодговорно работење и непостапување. Доста е партизирање на сè и сешто и од празни ветувања. Доста е од префрлање на одговорноста кон жените и девојчињата: кога пријавиле, како пријавиле, дали заминале, каде заминале, како заминале. Доста е нормализирање на насилството и институционална негрижа.  Дали сме свесни дека зборуваме за сериозна институционална криза, а не за инцидент? Женоубиството е дел од културата на насилство што институциите активно ја поддржуваат и одржуваат“ велат од иницијативата „Ниту една повеќе“ за Трн.

Според МВР, во 2021-2025 убиени се 26 жени, а во 2025 рекордни 4.745 жени пријавиле семејно насилство. Од 1.388 пријавени сторители на семејно насилство во првите девет месеци годинава, 1.278 се мажи.

Токму затоа организаторките на денешниот протест повикуваат на итен и системски одговор и исполнување на нивните барањадо 10 декември, за да не се чека уште еден фемицид за да има резултати и институционална одговорност.

„Нема да се повлечеме пред стравот, нема да замолчиме. Нема да дозволиме оваа борба да згасне до следното убиство.  Одбиваме да се помириме! Не се откажуваме“ велат од „Ниту една повеќе“.

Протестот следува по маршот на „Ниту една повеќе!“ на 8 ноември и блокадата на булеварот „Илинден“ пред Владата на 20 ноември. Иницијативата бара правда за жртвите и одговорност од институциите за начинот на кој постапуваат по пријавите за насилство.

Организаторките порачуваат дека протестот е колективен и дека политичките барања и пораките од протестот се насочени кон институциите, полицијата, јавното обвинителство, судството и политичките претставници, односно сите оние кои имаат законска и институционална обврска да негуваат култура на еднаквост и ненасилство, да спречат насислтво врз жени и девојки и да ги казнат насилниците каде насилството е веќе извршено.

„Она што е подеднакво важно е колективниот протест да го отвори јавниот простор и за граѓаните и граѓанките до кои ретко допираат информации за можностите за солидарно здружување, за заедништво. Ние живееме во длабоко партизиран јавен простор, а нашата борба и нашиот повик се насочени кон сите кои веруваат дека заслужуваме подобро. Токму заедничкото здружување е она што ги плаши структурите на хиерархија и насилство“ велат организаторките за Трн.мк.

Тие бараат силна општетвена поддршка за да се создаде јавен притисок, бидејќи доколку нема таков притисок во притвор се уште ќе се држат, како што велат, родителите на жртвите, а не насилниците.

„Насилството врз жените не е ниту културен ниту приватен проблем. А најмалку е женски проблем. Насилството врз жените е државен проблем, и во држава која брише родова еднаквост – е проблем поттикнат и оддржуван од државата“ велат од иницијативата „Ниту една повеќе“.

ФОТО: Јордан Серафимов – Јоцка

Според нив државата потфрла многу пред да се случи еден фемицид: од родово несензитивни воспитно-образовни институции и програми, до институциите задолжени за заштита на правата на граѓанките.

„Потфрла преку игнорирање и намалување на пријавите, непрепознавање на ризикот, необезбедување заштита, неказнување на насилниците и, на крајот, неказнување на службените лица што постапиле непрофесионално“ велат организаторките.

Законот што треба да овозможи побрза заштита на жртвите е поднесен по скратена постапка во Собранието уште во август, но, сè уште не е ни ставен на дневен ред. Сегашниот закон, донесен во 2021 година, предвидува итна мерка за отстранување на сторителот од домот, за која одлучува судот, на предлог на МВР и по проценка на ризикот.

Со предложените измени, полицијата ќе може уште на местото на настанот усно да изрече мерка за заштита и да го отстрани насилникот од домот, дури и ако тој е сопственик на имотот.

„Основна обврска на државата е да ги штити животите на своите граѓанки и граѓани. Во Македонија имаме закони, протоколи и ратификувана Истанбулска конвенција, но постои огромен јаз меѓу формално гарантираните права и нивното реално спроведување. Ова не е само критика на граѓанските организации: и Државниот завод за ревизија и GREVIO имаат утврдено сериозни недостатоци во функционирањето на системот. Не сите жени имаат еднаков пристап до заштита. Сиромаштијата, дискриминацијата и економската зависност дополнително ги ограничуваат можностите за излез од насилство. Во случајот на Рамајана Асан, Европскиот центар за правата на Ромите документираше системски бариери со кои се соочуваат Ромките при барањето полициска заштита“ велат од иницијативата „Ниту една повеќе“.

Тие истакнуваат дека фемицидот е крајниот исход на насилството, но институционалната одговнорст за почнува многу порано, бидејќи ако се реагира дури откако жената ќе биде убиена, тогаш не може да се зборува за функционална превенција, туку за систем што ја документира трагедијата.

„За сите проблеми, културни или какви било други, постојат системски решенија. Непристојно е да претпоставуваме дека која било форма на нееднаквост е дел од нашата политичка култура. Политичката култура, како и обрасците на однесување, се сложени процеси што се формираат не само во семејството, туку и во јавните институции. Државата, преку своите стратегии и развојни планови, ги определува општествените вредности и, согласно со нив, ги негува“ велат организаторките.

Тие порачуваат дека потребна е посветеност и работа за системски да се решат проблемите.


„Толку бараме. Посветеност и работа“ велат од „Ниту една повеќе“ за Трн.

е-Трн да боцка во твојот инбокс