Генералниот секретар на ОН бара универзални правила за безбедност на вештачката интелигенција во најбрз рок

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, ги повика земјите во светот во рок од една година да воспостават заедничка рамка за управување со ризиците од вештачката интелигенција. Тој предупреди дека без меѓународна координација и независен надзор, развојот на оваа технологија може да создаде ризици што ниту една држава нема да може самостојно да ги контролира.

Повикот го упати во понеделникот, на Самитот за безбедност на вештачката интелигенција во Бриџтаун, Барбадос, каде што побара земјите членки на ОН да ги координираат напорите и да изградат инклузивен меѓународен механизам заснован врз заеднички принципи.

„Денес ги повикувам земјите членки да ги координираат напорите и во текот на следната година да развијат глобално инклузивна и принципиелна мултилатерална рамка за управување со ризиците од вештачката интелигенција, поддржана од независен и кредибилен надзор“, порача Гутереш.

Со приближувањето на крајот на неговиот мандат на чело на меѓународната организација, генералниот секретар сè погласно предупредува на потребата од правила што ќе спречат технологијата да се развива без соодветни безбедносни ограничувања. Меѓу ризиците на кои претходно укажувал се и сценаријата во кои автономните оружени системи, познати како „роботи-убијци“, би можеле да станат реалност.

САД и Кина се натпреваруваат, а светот нема заеднички правила

Воспоставувањето меѓународни правила за вештачката интелигенција засега изгледа тешко остварливо, особено поради натпреварот меѓу технолошките сили, пред сè САД и Кина, за водечка позиција во истражувањето и развојот на оваа технологија.

Сепак, Гутереш смета дека првиот чекор би можел да биде договор за заеднички безбедносни мерки, систем за тестирање на вештачката интелигенција и основни услови за независен надзор. Таквиот пристап би овозможил државите да применуваат усогласени стандарди, наместо секоја одделно да ги утврдува границите на безбедниот развој.

Во дебатата за темпото на развој на технологијата постојат различни позиции и меѓу најголемите технолошки компании. Во септември, раководители на „Антропик“, „ОпенАИ“ и „СпејсЕкс“ повикаа на забавување на развојот на вештачката интелигенција. Други влијателни технолошки компании, меѓу кои „Нвидија“ и „Мета“, се залагаат за продолжување на забрзаните инвестиции и развој.

Во САД, каде што развојот на вештачката интелигенција се одвива со особено брзо темпо, не се очекува регулаторите лесно да интервенираат. Во септември, американскиот претседател Доналд Трамп организираше средба со група технолошки директори, кои се согласија доброволно да почитуваат кодекс на однесување за безбедноста на вештачката интелигенција.

Гутереш бара реформи и во глобалните институции

На самитот во Бриџтаун, Гутереш ја поврза потребата од меѓународни правила за вештачката интелигенција со пошироката потреба за реформирање на глобалните институции. Одговарајќи на прашање на Франс прес, тој посочи дека постојните модели на глобално управување сè уште ја одразуваат реалноста од 1945 година, а не светот во кој живееме денес.

„Јасно е дека институциите треба да се реформираат за да се приспособат на реалноста на денешниот свет“, изјави тој, додавајќи дека тоа се однесува не само на Обединетите нации, туку и на меѓународниот финансиски систем и светската трговска архитектура.


Гутереш најави дека на својот наследник, кој треба да ја преземе функцијата на почетокот на новата година, но сè уште не е избран, ќе му препорача контролата врз вештачката интелигенција да биде еден од приоритетите. Според него, воспоставувањето соодветни механизми за управување со оваа технологија е неопходно за „човештвото да ја задржи контролата врз сопствениот свет“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс