Кои професии најмногу ќе ги промени вештачката интелигенција? Програмерите се најизложени, занаетчиите и угостителите најмалку

Слика генерирана со ВИ

Вештачката интелигенција сè уште е далеку од целосно искористување на можностите што теоретски ги има на пазарот на трудот. Сепак, податоците за нејзината реална употреба во работното опкружување веќе покажуваат кои професии се најизложени на промени, според ново истражување на „Антропик“, компанијата што го развива моделот со вештачка интелигенција Клод.

Студијата, насловена „Влијанието на вештачката интелигенција врз пазарот на трудот: Нова мерка и рани докази“, воведува показател за таканаречената реална изложеност на професиите. Наместо да се анализира само што би можеле да извршуваат големите јазични модели, истражувачите ги споредиле теоретските процени со податоците за тоа како луѓето навистина ги користат овие алатки на работното место.

Кои професии најмногу ја користат вештачката интелигенција?

Иако во секторите на компјутерските науки и математиката вештачката интелигенција теоретски би можела да извршува дури 94 отсто од работните задачи, во секојдневната практика засега покрива околу 33 отсто. Меѓу професиите со најголем удел на задачи во кои веќе се користат алатки со вештачка интелигенција се:

Програмери: За дури 75 отсто од нивните работни задачи е забележана примена на алатки со вештачка интелигенција, пред сè за пишување програмски код.

Оператори во корисничката поддршка: Сè поголем дел од нивните задачи директно се автоматизира преку софтверски интерфејси и АПИ-интеграции.

Работници за внесување податоци: Кај оваа професија покриеноста достигнува 67 отсто, бидејќи читањето документи и внесувањето информации во системите во голема мера може да се автоматизираат.

Од друга страна, кај околу 30 отсто од работниците на пазарот на трудот речиси и да нема забележана покриеност на работните задачи со вештачка интелигенција. Во оваа група спаѓаат професии што бараат физичка работа и присуство на конкретна локација, како готвачи, автомеханичари, спасувачи на базени, шанкери, мијачи на садови и гардеробери.

Најизложени се и подобро платените работници

Анализата на демографските податоци за американскиот пазар на трудот покажува дека работниците во професиите што се најизложени на влијанието на вештачката интелигенција имаат поинаков профил од оние чии работни задачи засега се помалку подложни на автоматизација.

Вработените во најизложената четвртина од професиите во просек заработуваат 47 отсто повеќе од работниците чии работни задачи не се изложени на влијанието на оваа технологија. Тие имаат и повисоко образовно ниво: уделот на лицата со постдипломски дипломи во најизложените професии изнесува 17,4 отсто, речиси четири пати повеќе од уделот во групата што не е изложена на влијанието на вештачката интелигенција, каде што изнесува 4,5 отсто. Во групата со најголема изложеност има и 16 процентни поени поголем удел на жени.

Податоците на американското Биро за статистика на трудот за периодот од 2024 до 2034 година покажуваат и поврзаност меѓу реалната изложеност на вештачката интелигенција и идниот раст на бројот на работни места. За секои 10 процентни поени поголема покриеност на работните задачи со вештачка интелигенција, проектираниот раст на вработувањето во соодветната професија се намалува за 0,6 процентни поени.

Нема масовни отпуштања, но младите потешко наоѓаат работа

Еден од клучните наоди на истражувањето е дека од крајот на 2022 година, кога започна наглиот подем на генеративната вештачка интелигенција, не е забележан систематски раст на невработеноста кај работниците во професиите што се најизложени на оваа технологија. Сепак, постојат рани показатели дека вработувањето на помладите работници забавува токму во професиите што се најмногу изложени на влијанието на вештачката интелигенција.


Технологијата сè уште не го искористува целосно својот потенцијал поради законските ограничувања, потребата од човечка проверка и техничките пречки. Но, методологијата на истражувањето овозможува промените на пазарот на трудот да се следат уште во рана фаза, пред тие да предизвикаат поголеми нарушувања.

е-Трн да боцка во твојот инбокс