Мистериозен објект се движи кон Земјата: Можно ли е да е советска сонда исчезната пред речиси 40 години?

Истражувачи претпоставуваат дека астероидот 1998 KY26 би можел да биде вселенското летало „Фобос 1“, со кое Советскиот Сојуз го изгубил контактот во 1988 година. Но, хипотезата сè уште не е докажана.

Мистериозен објект што се движи низ Сончевиот Систем почнал необично да забрзува, што повторно ги отвори шпекулациите дека можеби станува збор за советско вселенско летало исчезнато пред речиси 40 години. Објектот, познат под ознаката 1998 KY26, има дијаметар од околу 11 метри и минува во близина на Земјата. Научниците забележале дека неговата траекторија не може целосно да се објасни само со гравитациското влијание на Сонцето и Земјата.

Ова однесување се нарекува негравитациско забрзување. Тоа значи дека врз движењето на објектот влијаат и други сили, а не само гравитацијата на поголемите небесни тела. Директорот на НАСА, Џаред Ајзакман, изјавил дека агенцијата го следи објектот, но нагласил дека нема причина за загриженост. Според него, тој не претставува позната закана за Земјата и нема докази дека би можел да се судри со нашата планета.

Дали е пронајдена сондата „Фобос 1“?

Група истражувачи понудила необично објаснување за потеклото на објектот. Според нивната хипотеза, 1998 KY26 би можел да биде „Фобос 1“ – беспилотна советска вселенска сонда лансирана на 7 јули 1988 година, со која бил изгубен контакт додека патувала кон Марс.

Истражувачите изработиле поедноставен модел на сондата и споредиле како таа би ја рефлектирала сончевата светлина при ротирање со набљудувањата на објектот 1998 KY26. Според нив, моделот добро се совпаѓа со осум одделни групи набљудувања. Објектот рефлектира речиси 52 отсто од сончевата светлина што паѓа врз него и прави целосна ротација на секои 5,35 минути. Истражувачите сметаат дека овие карактеристики се во согласност со можноста да станува збор за вештачки објект.

Дали е ова всушност „темна комета“?

Едно од досегашните објаснувања, предложено во студија од 2023 година, е дека 1998 KY26 е таканаречена темна комета што содржи заробена вода. Таа вода би можела да се претвора во гас, создавајќи потисок што влијае врз движењето на објектот. Сепак, астрономите досега не забележале облак од гас или опашка, какви што обично се поврзуваат со кометите. Друга научна студија понудила поинакво толкување: според неа, 1998 KY26 најверојатно е дехидриран астероид. Тоа би значело дека водениот мраз веројатно не е причина за неговото необично забрзување, бидејќи температурите се превисоки за поголеми количества мраз да опстанат подолг период.

Како дополнително можно објаснување се наведува и сончевото зрачење, кое создава притисок врз површината на објектот и може малку да ја промени неговата траекторија.

И други набљудувања упатуваат на тоа дека станува збор за природен карпест астероид, а не за стара вселенска сонда. Студија објавена во научното списание „Нејчр комуникејшнс“ во 2025 година го проценила неговиот дијаметар на околу 11 метри.

Јапонска мисија би можела да ја разреши мистеријата

Важни одговори би можела да даде јапонската вселенска мисија „Хајабуса 2“, која треба да пристигне до објектот 1998 KY26 во јули 2031 година и да го истражува од непосредна близина. Тоа би била првата мисија што директно ќе проучува астероид со толку мали димензии. Фотографиите и мерењата собрани при средбата би можеле да откријат дали станува збор за природно карпесто тело или за објект со вештачко потекло.


Дотогаш, хипотезата дека објектот е изгубената советска сонда останува интересна, но недокажана теорија. Астрофизичарот од Харвард, Ави Леб, дури и се пошегувал дека камерите на „Хајабуса 2“ можеби ќе откријат ознака „Произведено во СССР“, наместо парче мраз.

е-Трн да боцка во твојот инбокс