Првиот снег во градовите би можел да падне претстојниот викенд, на 28 и 29 ноември. Според Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), по обилните дождови следува заладување, со врнежи од дожд и снег. Маврово веќе осамна под снежна покривка утрово, на 24 ноември, а прогнозите најавуваат дека зимските услови постепено ќе се спуштаат и кон другите делови од земјата.
Пред снегот пристигнуваат обилни дождови
Неделата почна со студени и ведри утра. Во вторникот УХМР измери минимални температури од минус пет до два степена, додека максималните се движеа од шест до 12 степени. Во Скопје минималната температура падна до минус три, а дневната достигна осум степени.
И средата ќе почне со температури под нулата. Во текот на денот облачноста постепено ќе се зголемува, а навечер се очекуваат повремени врнежи од дожд. Најмногу дожд се прогнозира за четврток, особено во западните делови од земјата, каде што се очекуваат околу 30 литри на квадратен метар. Во петок врнежите ќе се преместат кон јужните и источните делови, каде што локално може да наврнат повеќе од 20 литри на квадратен метар.
За викендот температурите ќе се намалат, а со продорот на студениот воздух врнежите на места ќе преминат од дожд во снег.
Крушево, Битола и Берово меѓу првите градови што може да побелат
Според актуелните метеоролошки прогнози, првите снегулки во Крушево се можни на 29 и 30 ноември. Во Берово снег се очекува на 30 ноември, а во Битола на 30 ноември и 1 декември.
Крушево ќе биде и меѓу најстудените места. На почетокот на декември утринските температури таму би можеле да се спуштат до околу минус десет степени. Сепак, дали градовите навистина ќе осамнат под снежна покривка ќе зависи од интензитетот на врнежите и од тоа колку ниски ќе бидат температурите.
Скопје на минус осум, но дали ќе падне снег?
Прогнозите за Скопје засега се разликуваат. Дел од метеоролошките сервиси најавуваат можност за снег во главниот град во недела, на 29 ноември. Други не предвидуваат снежни врнежи во Скопје до 4 декември.
Она што е извесно е заладувањето. Во понеделник, на 30 ноември, утринската температура во Скопје би можела да падне до минус осум степени, додека дневната нема да надмине два степена. И почетокот на декември ќе биде студен, но според сегашните прогнози, претежно сув.
