Инфлацијата го изеде растот на платите, оптимизмот во Г7 падна на најниско ниво од 2008 година

Иако седумте најразвиени економии бележат стабилен реален раст, две третини од граѓаните сметаат дека економската состојба им се влошува.

Само 22 отсто од граѓаните во земјите од групата Г7 во 2026 година оценуваат дека економската состојба во нивната држава се подобрува, што е пад од 13 процентни поени во однос на минатогодишните 35 проценти. Според најновото истражување на агенцијата Галуп (Gallup), песимизмот во најразвиените светски економии го достигна највисокото ниво од светската финансиска криза во 2008 година, бидејќи номиналното зголемување на платите не успева да го надомести повеќегодишниот скок на трошоците за живот.

Податоците на Галуп покажуваат длабок јаз во перцепцијата на граѓаните низ седумте индустриски најразвиени земји (САД, Канада, Велика Британија, Германија, Франција, Италија и Јапонија). Додека медијаната на граѓани што гледаат подобрување изнесува 22 проценти, дури 66 отсто од испитаниците сметаат дека економијата во нивната земја се влошува. Соодносот покажува дека бројот на песимисти е точно трипати поголем од бројот на оптимисти.

Вакво ниско ниво на економска доверба последен пат е регистрирано за време на глобалната финансиска криза пред речиси две децении. Во 2008 година уделот на оптимисти бил идентичен со овогодишниот (22 отсто), а во 2009 година се спуштил на 21 процент. Истражувачите на Галуп посочуваат дека процентот на граѓани што очекуваат влошување денес е дури и повисок отколку во екот на кризата во 2008 и 2009 година, а во ниту една членка на Г7 оптимизмот не надминува една третина од населението.

Најизразено незадоволство е измерено во европските членки на групата. Во Велика Британија само 13 отсто од граѓаните сметаат дека економијата оди во позитивна насока, што претставува најнизок резултат откако Галуп го спроведува ова мерење. Веднаш зад неа е Франција со 14 проценти оптимисти, по што следуваат Германија со 19 отсто и Канада со 22 проценти.

Во САД економски оптимизам изразуваат 29 отсто од граѓаните. Според извештајот, Франција и САД повторно се наоѓаат на своите историски најниски точки во ова истражување, додека Велика Британија, Германија и Канада годинава забележаа нови рекордни падови. Нешто повисока доверба има во Јапонија со 33 отсто и во Италија со 32 проценти, но и овие две земји бележат пад во споредба со ланскиот просек од 35 отсто.

Истражувањето открива остар контраст помеѓу официјалната макроекономска статистика и секојдневното искуство на домаќинствата. Според податоците на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), економиите на Г7 од 2023 година наваму одржуваат слаб, но континуиран реален раст. И покрај тоа, медијаната на економскиот оптимизам во истиот период се намалила за околу 20 процентни поени. Последен пат толку стрмен пад на довербата се случил во 2009 година, но тогаш економијата на Г7 реално се намалила за 4,6 проценти.


Клучната причина за ваквото расположение лежи во ерозијата на реалните приходи по 2022 година, кога инфлацијата нагло забрза по почетокот на руската инвазија врз Украина. Пред 2022 година реалните плати во земјите од Г7 со години бележеа стабилен раст, дури и во периодот по финансиската криза. Од 2022 година наваму, растот на номиналните плати не успеа да ги стигне поскапувањата, па реалните плати ниту до минатата година не се вратија на нивото од пред војната во Украина, оставајќи ги граѓаните со пониска куповна моќ и покрај официјалниот економски раст.

е-Трн да боцка во твојот инбокс