Дали и во зима треба да пиеме две литри вода дневно?

Во студените месеци чувството на жед е помалку изразено, но тоа не значи дека на организмот не му се потребни течности.

Додека во лето високите температури природно нè поттикнуваат почесто да пиеме вода, во зима многумина поминуваат часови без да внесат течности.

Студеното време, сувиот воздух во загреаните простории и намаленото чувство на жед можат да придонесат за недоволна хидратација, дури и кога не се потиме забележливо.

Колку вода навистина ни е потребна?

Популарното правило дека секој човек треба да пие два литра вода дневно не е универзално.

Европската агенција за безбедност на храната (ЕФСА) препорачува вкупен дневен внес на вода од околу два литра за возрасните жени и 2,5 литри за возрасните мажи, при умерена температура и физичка активност.

Во овие количества се вклучени и течностите што ги внесуваме преку храната, супите, чаевите и другите пијалаци.

Потребите се разликуваат во зависност од возраста, физичката активност, здравствената состојба и условите во кои престојуваме.

Како да препознаете дека не пиете доволно вода?

Сувата уста, главоболката, заморот, вртоглавицата и потемната боја на урината можат да бидат знаци на недоволна хидратација.

Во зима дополнителен проблем претставува престојот во загреани простории, каде што воздухот често е сув. Организмот губи вода и преку дишењето, дури и кога надворешните температури се ниски.

Дали чајот и кафето се сметаат за течности?

Топлите незасладени чаеви, супите, млекото, па дури и кафето во умерени количества придонесуваат за дневната хидратација.

Овошјето и зеленчукот, исто така, содржат значителни количества вода. Мандарините, портокалите, јаболката и сезонските супи се добар начин за дополнителен внес на течности во зимските месеци.

Наместо да чекате да почувствувате жед, создадете навика редовно да пиете вода во текот на денот. Чаша вода по будењето, со оброците и помеѓу нив може да помогне во одржувањето на хидратацијата.


Лицата со одредени срцеви или бубрежни заболувања, на кои им е препорачано ограничување на течностите, треба да се придржуваат до советите на својот лекар.

е-Трн да боцка во твојот инбокс