Итната помош во Скопје ќе се реструктуира со самостоен центар, надвор од Здравствениот дом

Се воведуваат единствени национални стандарди за тријажа и диспечерски центар, додека 150 нови возила ќе го обноват возниот парк низ државата.

Граѓаните повеќе нема да зависат од произволна процена при повик на 194, бидејќи здравствениот систем воведува јасни национални стандарди за тријажа и единствен диспечерски центар. Итната медицинска помош (ИМП) во Скопје се издвојува од Здравствениот дом како самостојна установа со сопствен буџет, а возниот парк низ земјата се зголемува со нови амбулантни возила и воведување парамедици за побрза реакција на терен.

Владата ја усвои информацијата за формирање самостоен Центар за итна медицинска помош Скопје. Наместо досегашното функционирање како служба што се бори за ресурси внатре во Здравствениот дом Скопје, новата установа ќе има сопствено раководство, сопствен буџет и независно планирање. Овој модел е поставен како пилот-проект кој понатаму може да се примени и во другите градови низ државата.

Реорганизацијата следува по бројните реакции на граѓаните за повеќечасовно чекање, недостиг од екипи, прекинати телефонски врски и одбиени повици за повозрасни или онколошки пациенти.

Со воведувањето национални стандарди за тријажа, процената за тоа кој повик е итен повеќе нема да зависи од поединецот што се јавил на телефонската линија. Правилата ќе бидат транспарентни, проверливи и идентични на целата територија на државата, од Скопје до Гевгелија и од Дебар до Делчево.

Паралелно се формира и Национален диспечерски центар каде што на едно место ќе се следат сите дојдовни повици и сите достапни екипи на ИМП. На секој повик ќе реагира најблискиот слободен тим, а системот прецизно ќе евидентира кога е примен повикот, каква одлука е донесена и врз основа на кои критериуми.

Државата веќе има набавено 100 нови возила за Итната медицинска помош, со што вкупниот број функционални амбулантни возила во земјата достигнува 200. Дополнителни 50 возила се обезбедуваат преку програмата ИПА 3 на Европската Унија.

Покрај набавката на опрема, најавени се и кадровски промени поради податокот дека над 300 вработени во ИМП заминуваат во пензија до 2030 година. Во тек се разговори со Медицинскиот факултет за воведување на профилот парамедик – кадар обучен да дава итна помош и медицинска нега за време на транспортот на пациентите. Истовремено, во Клиничкиот центар Скопје се реконструира Ургентниот хируршки центар и се оформува нов Ургентен интернистички центар.

Како сè уште нерешени прашања остануваат бројот на дежурни екипи по смена, особено во Скопје, како и техничкото прашање кој го пренесува неподвижниот пациент кога во домот нема кој да помогне. Министерот за здравство Сашо Клековски во својата објава на социјалните мрежи посочи дека ова прашање не е строго медицинско, но е реална потреба на граѓаните која нема да биде игнорирана.


„Мерката за успех нема да биде ниту една објава, ниту едно соопштение. Ќе биде едно: колку чека човек од моментот кога ќе се јави на 194“, напиша Клековски.

е-Трн да боцка во твојот инбокс