ЕУ очекува Црна Гора да ги заврши преговорите следниот месец

Брисел гледа конструктивен ангажман меѓу Подгорица и Загреб за надминување на осумте хрватски барања пред утрешниот самит ЕУ – Западен Балкан

Европската Унија останува умерено оптимистична дека Црна Гора и Хрватска ќе најдат заедничко прифатливо решение за отворените билатерални прашања и дека Подгорица ќе ги затвори преостанатите осум преговарачки поглавја до крајот на годинава. Пораката од Брисел доаѓа во пресрет на утрешниот самит меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан, на кој Србија нема да учествува бидејќи сè уште нема формирано нова влада.

Неименуван висок претставник на Европската Унија во пресрет на самитот изјави дека во Брисел се забележува конструктивен ангажман од двете страни. За затворање на секое од преостанатите осум поглавја потребна е едногласна одлука од сите земји членки на Унијата.

Хрватска достави листа од осум барања кои Црна Гора треба да ги исполни за да го заокружи процесот на пристапни преговори. Од нив, две барања директно се однесуваат на Поглавјето 31 кое ја опфаќа надворешната, безбедносната и одбранбената политика, додека четири барања се поврзани со Поглавјето 23 за правосудството и темелните права.

„Гледаме конструктивен ангажман на Црна Гора и Хрватска во изнаоѓањето решенија прифатливи за двете страни, па затоа сум умерено оптимистичен дека во следните недели ќе успееме да ги затвориме поглавјата и да ги приведеме преговорите кон крај“, изјави претставникот на ЕУ.

Утрешниот самит на Европската Унија и земјите од Западен Балкан во Брисел ќе го предводат претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. На состанокот ќе отсуствува единствено Србија, која по неодамнешните парламентарни избори сè уште нема формирано нова извршна власт.

Од Брисел порачуваат дека сакаат да му дадат време на новото владејачко мнозинство во Белград да ја состави владата и ги поддржуваат нејзините најавени приоритети, како што се борбата против корупцијата, владеењето на правото и приближувањето на институциите кон граѓаните. Сепак, европските претставници нагласуваат дека Србија останува единствената земја кандидат во регионот која не е целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ бидејќи нема воведено санкции против Русија.

„Членството во Европската Унија не е само економска можност, туку и стратешки избор. Затоа од сите земји кандидатки очекуваме постепено усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика“, посочи европскиот извор, додавајќи дека земјите членки особено го следат владеењето на правото, стратешката ориентација и напредокот во нормализацијата на односите со Косово.


Европската Унија веќе ја подготви завршната декларација за самитот и очекува владите од Западен Балкан да ја прифатат. Документот јасно нотира дека величењето воени злосторници, негирањето геноцид и историскиот ревизионизам се целосно неспоиви со европските вредности. Во текстот на декларацијата директно се споменува и отсуството на напредок во дијалогот меѓу Србија и Косово.

е-Трн да боцка во твојот инбокс