Влезот во еврозоната, кој Бугарија го реализираше во јануари 2026 година, требаше да биде потврда за економската и финансиската стабилност на земјата. Но, неполна година подоцна, Софија се соочува со можност за финансиска казна од 23 милиони евра поради прекумерно буџетско трошење.
Европската комисија предупреди дека Бугарија не успеала да ги стави јавните расходи под контрола, а доколку биде изречена казната, земјата ќе стане првата членка на ЕУ санкционирана поради прекршување на заедничките фискални правила, пишува „Политико“.
Нискиот јавен долг не ја спасува Бугарија
Иако јавниот долг на Бугарија е далеку под европската граница од 60 проценти од бруто-домашниот производ, проблемот е во растечката разлика меѓу буџетските приходи и расходи.
Се очекува буџетскиот дефицит годинава да достигне пет проценти од БДП, што е два процентни поени над европската референтна граница од три проценти.
Дополнителен ризик за Софија е можноста за замрзнување на дел од средствата од европските фондови, доколку до пролет не ги исполни фискалните барања на Брисел.
Европскиот комесар за економија, Валдис Домбровскис, најави дека одлуката за паричната казна се очекува до крајот на годинава или на самиот почеток на следната.
Членството во еврозоната носи и построги санкции
Под притисок на Европската комисија е и Унгарија, но нејзината позиција е различна од онаа на Бугарија.
Бидејќи Унгарија не е членка на еврозоната, не се соочува со истата парична санкција. Сепак, и Будимпешта ризикува замрзнување на средства од европските фондови.
Бугарија, како најнова членка на еврозоната, е изложена на можноста за примена на двете мерки.
Случајот покажува дека членството во монетарната унија, покрај економските придобивки, носи и дополнителни обврски и механизми за финансиска дисциплина.
Брисел ги намали казните за конечно да може да ги применува
Европската унија ги реформираше фискалните правила по пандемијата, кога зголеменото државно трошење доведе до раст на јавниот долг во голем број земји.
Претходниот систем предвидуваше високи финансиски казни, но токму нивната големина ја отежнуваше практичната примена.
Со реформите, Брисел се определи за помали, но полесно применливи санкции, со цел владите да бидат принудени да ја одржуваат фискалната дисциплина без дополнително да се загрозуваат нивните јавни финансии.
Бугарија сега би можела да стане првиот вистински тест за ефикасноста на новиот систем.
Евентуалната казна од 23 милиони евра нема сама по себе да го реши проблемот со буџетскиот дефицит, но ќе испрати политичка порака до останатите членки дека европските фискални правила повеќе не се само формална обврска.
