Последните денови од ноември ќе донесат вистински зимски температури во Македонија, а во дел од градовите се очекуваат и снежни врнежи.
Според актуелните метеоролошки прогнози, првите снегулки би можеле да паднат во Крушево на 29 и 30 ноември, во Битола на 30 ноември и 1 декември, а во Берово на последниот ден од ноември. Најстудено се очекува да биде во Крушево, каде што на почетокот на декември утринските температури би можеле да се спуштат до минус десет степени.
Иако во Скопје засега нема најава за снег до 4 декември, главниот град го очекува нагло заладување. Во понеделник, 30 ноември, утринската температура би можела да се спушти до минус осум степени, додека дневната нема да надмине два степена. Почетокот на декември ќе биде студен, но претежно сув.
На заладувањето ќе му претходи влажен воздушен бран. Во четврток во западните делови од земјата се очекуваат над 30 литри дожд на квадратен метар, додека во петок пообилни врнежи се прогнозираат во јужните и источните региони.
Со продорот на студена воздушна маса за време на викендот, дождот на одредени места би можел да премине во снег. Дали првите декемвриски денови ќе донесат и снежна покривка во градовите, ќе зависи од интензитетот на врнежите и температурите, а прогнозите во наредните денови дополнително ќе се прецизираат.
