ВИДЕО: Најмалку 24 повредени во експлозија на автомобил-бомба во Колумбија

Властите во Вилависенсио воведоа забрана за сообраќај на мотоцикли и нудат награда од 38.000 евра за информации за напаѓачите.

Најмалку 24 лица се повредени откако вчера експлодираше автомобил-бомба во градот Вилависенсио во централна Колумбија, соопштија локалните власти. Од силната детонација се оштетени седиштето на регионалната влада и околните објекти, додека колумбискиот претседател Абелардо де ла Есприела утринава пристигна на местото на настанот за итен безбедносен состанок.

Снимките објавени на социјалните мрежи покажуваат урнатини, уништени возила и голем кратер на коловозот на местото на експлозијата. Досега ниту една вооружена група не ја презеде одговорноста за нападот, кој се случува во период на нов бран насилство низ јужноамериканската држава.

Градоначалникот на Вилависенсио, Александер Бакеро, веднаш воведе привремена забрана за движење на мотоцикли по неколку главни сообраќајници во градот, кој е главен административен центар на департманот Мета. Ваквите рестрикции во колумбиските градови вообичаено се применуваат по бомбашки напади поради честата употреба на мотоцикли при извршување атентати и поставување експлозивни направи.

Во реонот на нападот е распоредена Седмата бригада на колумбиската армија за да го обезбедува теренот и да ги контролира приодите кон градот. Градоначалничката канцеларија и регионалната влада заеднички понудија награда до 150 милиони колумбиски пезоси, што изнесува околу 38.000 евра, за секоја информација што ќе доведе до идентификација и апсење на одговорните.

Колумбискиот претседател Абелардо де ла Есприела пристигна во Вилависенсио околу 9 часот по локално време за да одржи состанок со безбедносниот врв и да изврши увид на оштетените локации. Департманот Мета со децении претставува стратешки коридор меѓу планинскиот регион на Андите и источните рамнини Љанос, каде што оперираат различни дисидентски фракции и криминални структури вклучени во трговија со дрога.

„Наркотероризмот е очаен затоа што решително му се спротивставуваме. Нападот има цел да нè заплаши и да нè принуди да отстапиме за да влеземе во уште еден лажен мировен процес“, напиша Де ла Есприела на социјалните мрежи.


Во дополнителна објава на платформата Икс, шефот на државата порача дека владата нема да преговара со криминалните групи. „Ќе им се спротивставам со апсолутна решителност и ќе го употребам секој инструмент што ми го даваат Уставот и законот за да ја вратам безбедноста“, наведе претседателот Де ла Есприела.

е-Трн да боцка во твојот инбокс