Како Трамп и технолошките милијардери ја убедија Нвидија да го врати Хуанг?

Само неколку дена откако управниот одбор категорично ја отфрли можноста за негово враќање, производителот на чипови ја промени одлуката. Притисокот од Белата куќа и влијателни имиња од Силициумската долина откри колку многу индустријата за вештачка интелигенција зависи од еден човек.

Притисокот од американскиот претседател Доналд Трамп и некои од највлијателните луѓе во Силициумската долина придонел управниот одбор на Нвидија да ја промени одлуката и повторно да го постави Џенсен Хуанг за извршен директор. Компанијата ја објави неговата оставка на 11 ноември, а само неколку дена подоцна нејзиното раководство јавно тврдеше дека нема намера да го врати. Сепак, на 23 ноември Нвидија соопшти дека Хуанг повторно ја презема функцијата.

Американскиот претседател отворено застана зад неговото враќање, наведувајќи на социјалните мрежи дека владата на САД нема причина да верува оти повторното назначување на Хуанг претставува ризик за националната безбедност. По одлуката, Трамп му честиташе на управниот одбор, а во интервју за Си-Ен-Би-Си изјави: „Јас го направив договорот“.

Од Нвидија потврдија дека управниот одбор добил мислења од високи претставници на американската влада и заклучил дека враќањето на Хуанг не претставува безбедносен ризик. Одлуката, сепак, беше во целосна спротивност со ставот што компанијата го соопшти само неколку дена претходно.

На 17 ноември, на почетокот на конференцискиот разговор за кварталните финансиски резултати, претседателот на управниот одбор Харви Џонс изјави дека оставката на Хуанг била едногласно прифатена и дека одборот нема намера повторно да го назначи за извршен директор. Според извештаите на Си-Ен-Би-Си, врз промената на ставот влијаеле и наглиот пад на акциите по неговото заминување, како и неизвесноста околу раководењето на привремената извршна директорка Колета Крес.

Од оставката до враќањето: 12 дена што ја потресоа индустријата

Кон крајот на октомври 2026 година, вниманието кон Хуанг се засили по извештаите на „Њујорк тајмс“ дека жената со која наводно имал вонбрачна врска, Алис Хуанг, поранешна директорка во компанијата Мегаспид, клиент на Нвидија, била предмет на истрага на американските власти поради сомневања за поврзаност со кинеското разузнавање.

По овие наводи, тројца претседатели на комисии во Претставничкиот дом од Републиканската партија побарале брифинг зад затворени врати, а Нвидија на 8 ноември започнала независна истрага.

Хуанг признал дека ја изневерил сопругата и на 11 ноември поднел оставка од функцијата. Финансиската директорка Колета Крес ја презела улогата на привремена извршна директорка, а акциите на компанијата следниот ден завршиле со пад од 4,3 отсто, кога Нвидија официјално го објавила неговото заминување.

Неизвесноста околу иднината на компанијата и поширокиот сектор за вештачка интелигенција предизвикала распродажба на акциите на технолошките компании. Во меѓувреме, повиците за враќање на Хуанг станувале сè погласни. Извршниот директор на Тесла, Илон Маск, ја поддржал петицијата за негово враќање, која до 16 ноември имала повеќе од 180.000 потписи.

Но, на 17 ноември управниот одбор на Нвидија ја отфрлил можноста Хуанг повторно да ја преземе функцијата. Три дена подоцна, на 20 ноември, Трамп јавно застанал зад неговото враќање. Според Ројтерс, за време на викендот испратил високи претставници од администрацијата да извршат притисок врз управниот одбор. Членовите на одборот гласале на 22 ноември, а компанијата ја објавила одлуката следниот ден.

Зошто враќањето на Хуанг беше важно за целата индустрија за вештачка интелигенција?

Реакцијата на финансиските пазари покажа колку голема е зависноста на технолошкиот сектор од Нвидија, но и од човекот што ја изгради компанијата во изминатите три децении. Во понеделникот акциите на производителот на чипови пораснаа за 31,5 отсто, зголемувајќи ја неговата пазарна вредност за речиси еден билион долари. Индексот Насдак композит порасна за 6,5 отсто, а Ес енд Пи 500 за 4,7 отсто. Според „Блумберг“, пазарната вредност на компаниите во индексот Насдак 100 се зголемила за околу три билиони долари во текот на истата сесија.

Влијанието врз пошироката американска економија е потешко да се измери. Анализа на Институтот „Питерсон“ за меѓународна економија од ноември проценува дека изградбата на центри за податоци го зголемила нивото на американскиот бруто-домашен производ за околу 0,3 отсто, односно за 0,6 отсто кога ќе се вклучи и растот на берзанската вредност. Според истата анализа, инвестициите во оваа инфраструктура придонеле и за намалување на стапката на невработеност за околу 0,3 процентни поени.

Во анализата се предупредува дека евентуалното повлекување на берзанските добивки би можело да избрише значителен дел од економскиот раст поврзан со бумот на вештачката интелигенција. Оставката на Хуанг дополнително ги засилила стравувањата дека падот на технолошките акции може да ги поништи дел од придобивките што овој сектор ѝ ги донел на американската економија.

Трамп го претстави враќањето на Хуанг и како дел од американската трка со Кина за доминација во вештачката интелигенција. Хуанг го придружуваше американскиот претседател за време на неговата посета на Кина во мај. По одделната средба со кинескиот претседател Си Џинпинг во ноември, Трамп изјави за Си-Ен-Би-Си дека Џинпинг го смета Хуанг за најдобар во својата област.

Нвидија не продава само чипови: Хуанг ја финансираше и инфраструктурата за вештачка интелигенција

Во изминатите три децении Хуанг ја претвори Нвидија во една од клучните компании за развојот на вештачката интелигенција. Нејзините чипови ја напојуваат голем дел од индустријата, но влијанието на компанијата не завршува со хардверот. Под негово раководство, Нвидија разви деловна стратегија во која учествува и во финансирањето на инфраструктурата што ги користи нејзините производи.

Во август компанијата објави финансиска иницијатива во соработка со неколку големи инвестициски компании, меѓу кои „БлекРок“, „Брукфилд“ и „Голдман Сакс“. Овој модел е особено важен за помалите даватели на облачни услуги, кои тешко можат самостојно да обезбедат капитал за изградба на центри за податоци и набавка на скапите чипови.

Аналитичари од истражувачката компанија „СемиАналисис“ објаснуваат дека Нвидија на помалите компании им помагала да обезбедат финансирање преку гарантирање минимално ниво на приходи или поддршка за закуп на центри за податоци. На тој начин, тие полесно добивале кредити и можеле да инвестираат во инфраструктура за вештачка интелигенција.

По враќањето на Хуанг, аналитичар од „Голдман Сакс“ предупредил дека сè уште не е јасно дали Нвидија ќе продолжи да склучува договори со повеќе партнери во ист обем како досега.

Според анализата на „СемиАналисис“, Хуанг често имал последен збор при распределбата на чиповите меѓу најголемите облачни компании, познати како хиперскалери, и помалите клиенти. Во услови на ограничени залихи, клиентите се натпреварувале за пристап до производите и вниманието на Нвидија, а сè поголем број договори барале директна финансиска и деловна поддршка од компанијата.

Нвидија им помагала на помалите даватели на облачни услуги да обезбедат финансирање за своите инфраструктурни капацитети во замена за удел во приходите од облачните услуги. Аналитичарите оценуваат дека личната поддршка на Хуанг и неговата подготвеност да презема деловни ризици биле важни за функционирањето на овој модел.

Неговите лични контакти со добавувачите во Јужна Кореја и Тајван исто така биле значајни. Според анализата на „СемиАналисис“, Хуанг лично обезбедувал залихи на мемориски компоненти во Јужна Кореја и чипови во Тајван, во период кога недостигот на овие производи станувал сè поголем проблем за индустријата.

Обемот на обврските на Нвидија поврзани со снабдувањето и производствените капацитети пораснал од 119 милијарди долари во вториот финансиски квартал на 279 милијарди долари, а во третиот квартал достигнал 390 милијарди долари. Компанијата најголемиот дел од последното зголемување го поврзала со повеќегодишните набавки на мемориски компоненти.

Хуанг бил важен и за клиентите на кинескиот пазар. Според Ројтерс, по неговата оставка некои кинески клиенти ги откажале нарачките или се двоумеле дали да нарачаат нови производи. Тој претходно се залагал за поголем пристап до кинескиот пазар, и покрај американските ограничувања за продажба на напредни чипови.

Дополнително, Хуанг отворено ја поддржувал идејата за развој на модели на вештачка интелигенција со отворен код. Таквиот пристап им овозможува на владите, компаниите и помалите даватели на облачни услуги самостојно да купуваат чипови и да развиваат сопствени системи за вештачка интелигенција, наместо целосно да зависат од неколку големи технолошки платформи.

Конгресот и понатаму бара одговори од Хуанг

И покрај поддршката од Белата куќа и дел од технолошката индустрија, враќањето на Хуанг не ги затвори прашањата за работењето на Нвидија и нејзиното почитување на американските ограничувања за извоз на напредни чипови. Одлуката на управниот одбор беше критикувана и од демократите и од републиканците во американскиот Конгрес.

Демократската сенаторка Елизабет Ворен изјави дека Нвидија сè уште му должи одговори на Конгресот за тоа дали ги почитувала американските извозни ограничувања. Републиканскиот сенатор Пит Рикетс предупреди дека враќањето на Хуанг остава отворени прашања за националната безбедност и за чиповите за кои нема соодветна евиденција.

Демократската конгресменка Медлин Дин оцени дека одлуката отвора сериозни прашања за националната безбедност и начинот на кој се управува со Нвидија. Таа за телевизијата „Блумберг“ изјави дека случајот нема да заврши добро за Хуанг.

Дин е членка на Комисијата за надворешни работи на Претставничкиот дом, која требаше да го испрашува Хуанг зад затворени врати на 1 декември. Два дена подоцна, на 3 декември, тој треба да се појави и на јавно сослушување пред Комисијата за банкарство на Сенатот, посветено на американските ограничувања за извоз.


Во меѓувреме, независната истрага на Нвидија останува отворена. Враќањето на Хуанг ја смири неизвесноста на берзите, но не ги отстрани политичките и безбедносните прашања околу една од највлијателните компании во глобалната трка за вештачка интелигенција.

е-Трн да боцка во твојот инбокс