Заштита на жените преку конкретни закони, буџетски средства и утврдување одговорност, наместо конференции и свечености, бараат Мрежата за заштита од дискриминација, Националната мрежа за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство и Платформата за родова еднаквост.
Во пресрет на кампањата „16 дена активизам“, тие повикуваат на мораториум на институционалните протоколарни и промотивни настани. Бараат периодот до 10 декември да биде искористен за одлуки што ќе обезбедат вистинска заштита од насилство.
Според потписничките, годинава се случиле седум фемициди. Тие оценуваат дека е недозволиво институциите да зборуваат за успеси додека жените продолжуваат да бидат убивани, вклучително и во случаи кога насилството претходно било пријавено.
Заштита на жените
Во соопштението се издвојуваат шест конкретни барања:
- Законски измени до 10 декември. Итно усвојување на измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, кои, според потписничките, биле поднесени во Собранието на 26 август.
- Пакет измени на осум закони. Финализирање и усвојување на решенијата, меѓу кои и измени на Законот за полиција и Законот за семејство, за поефикасна заштита и координација меѓу надлежните институции.
- Најмалку 200 милиони денари. Обезбедување средства во Буџетот за 2027 година за специјализирани услуги за жртвите и превентивни програми за третман на сторителите.
- Јавни собраниски заклучоци. Усвојување и објавување на заклучоците од надзорната расправа за родово базираното насилство, со задолженија, рокови и механизми за следење.
- Промени во образованието. Повлекување на измените во законите за основно образование и учебници, упатството за заштита од насилство и програмата за сексуално образование, кои организациите ги оценуваат како регресивни. Бараат и враќање на сексуалното образование.
- Одговорност за фемицидите. Независни проверки на институционалното постапување во сите случаи, вклучително и случајот со 17-годишната девојка од Богданци, и последици за утврдените пропусти.
Повик до политичарките
Со барањата организациите се обратиле и до европски амбасади, Делегацијата на ЕУ, агенциите на ОН, ОБСЕ и други меѓународни претставници. Од нив очекуваат јавна поддршка, барање конкретни одговори од Владата и Собранието и следење на спроведувањето.
Посебен повик упатуваат до пратеничките, градоначалничките и жените во општинските совети од сите партии. Бараат да ги поддржат законските измени, обезбедувањето средства и утврдувањето одговорност, независно од партиската припадност.
Активизмот продолжува
Предложениот мораториум не се однесува на протестите, маршевите, локалните и културните иницијативи или активностите што обезбедуваат директна поддршка за жените.
Потписничките повикуваат и на поддршка на протестот што, според соопштението, иницијативата „Ниту една повеќе“ го најавува за 25 ноември.
На крајот од кампањата, на 10 декември, бараат јавноста да добие конкретен одговор: кои закони се усвоени, колку средства се обезбедени, кои мерки се преземени и кој понел одговорност.
