Анксиозноста не секогаш чека да се случи нешто лошо. Кај многу луѓе таа почнува уште во првите минути по будењето, кога телото преминува од сон во будност, а мозокот веќе ги отвора сите можни прашања: што ме чека денес, што може да тргне наопаку, дали ќе стигнам сè? Според психолозите, оваа утринска вознемиреност е поврзана и со природниот пораст на кортизолот, хормонот на стрес, кој телото го лачи по будењето.
Телото се буди, но и стресот се буди со него
Клиничката психологинка д-р Дебра Кисен објаснува дека утринската анксиозност се разликува од човек до човек и често зависи од тоа што носи денот. Самото преминување од сон во будна состојба може да биде тригер, затоа што станува збор за транзиција во која мозокот веднаш почнува да ги скенира можните предизвици.
Терапевтката д-р Ана Елтон дополнува дека важна улога има таканаречената реакција на будење на кортизолот. Телото природно ослободува кортизол за да ни помогне да го започнеме денот, но прекумерните скокови на овој хормон може да предизвикаат чувство на страв, стрес и напнатост уште во првиот час по будењето.
Телефонот, кафето и прескокнатиот појадок не се невини
Една од најчестите навики што ја влошува утринската анксиозност е проверувањето на телефонот веднаш по будењето. Мозокот во тој момент сè уште не е подготвен за наплив од вести, известувања, пораки, финансиски грижи или стресни содржини, па лесно влегува во состојба на реакција наместо смирен почеток на денот.
Психолозите посочуваат и на биолошките фактори. Дехидратацијата по ноќното спиење може да го зголеми кортизолот и пулсот, додека прескокнувањето појадок може да предизвика пад на шеќерот во крвта. За да го надомести тоа, телото повторно лачи кортизол и адреналин, што може да ја засили вознемиреноста.
Седум навики што го прават утрото потешко
Меѓу навиките што најчесто ја поттикнуваат анксиозноста се одложувањето на алармот, почнувањето на денот со кафе наместо со вода, претераното планирање, но и целосното отсуство на план. Според психолозите, секое одложување на алармот повторно го активира стресниот одговор на телото, а денот може да почне со чувство дека веќе доцните и дека сте „изгубиле“ уште пред да станете.
Дополнително, проверувањето на телефонот веднаш по будењето, избегнувањето природна светлина во првиот час и игнорирањето на сопствените чувства може да го нарушат утринскиот ритам. Наместо да се форсира исто темпо секое утро, психолозите советуваат човек да го препознае сопствениот ритам: кога има најмногу енергија, кога е побавен и кои задачи се реални за почетокот на денот.
Како да се прекине кругот на утринска анксиозност?
За да се намали утринската анксиозност, стручњаците препорачуваат поголема искреност кон себе, реално планирање и внимателен почеток на денот. Наместо утрото да почне со паника, телефон или преголем список задачи, корисно е да се направи една мала и лесна активност, како местење на креветот. Таквата едноставна задача дава чувство на завршеност и контрола, што може да помогне денот да почне посмирено.