Разговор со Емилија Петковска, советник во Еразмус

Сé што треба да знаете за да аплицирате на Еразмус плус повикот

Уште 8 дена трае повикот во рамки на програмата Еразмус плус за поднесување апликации за акцијата Партнерства за соработка. До 4 октомври, до 12 часот по Бриселско време, се поднесуваат апликациите за Партнерства за соработка во рамки на Клучната акција 2, и тоа за КА220-Партнерства за соработка во полето млади и КА210-Партнерства од мал обем во полињата: училишно образование, стручно образование и обука, образование на возрасни и млади.

Трн: Кој може да аплицира?

Емилија: Јавни и приватни организации основани во земји-учеснички во програмата, а може да аплицират: училишта, градинки, универзитети, локални самоуправи, комори, невладини организации, здруженија на граѓани, односнонајразличен тип на организации што имаат регистрирано правен субјект во Република Северна Македонија. Во програмата, не се прифаќаат апликации од индивидуални учесници.

Емилија Петковска, советник

Мало здружение со голема идеја може многу да направи. Идејата е клучна, како и цврстината на партнерството и вољата за работа, изјави Емилија Петковска, советник во одделение за стратешки партнерства во полето училишно и стручно образование и координатор на Националниот тим за стручно образование и обука.

Доколку некоја организација не учествувала, а сака да земе учество во програмата, првично мора да отвори свој ОИД број и со тоа бројче може да аплицира на линкот за аплицирање објавен на веб-страницата на Националната агенција. Се работи за платформа каде што во исто време аплицираат апликанти од сите земји-учеснички во програмата, а апликацијата се пополнува и поднесува електронски. Таа е составена од сет прашања каде иновативно треба да се објасни кои приорети ги застапува партнерството, кои активности ќе бидат реализирани, со кои институции-партнери, каква е нивната претходна соработка во Еразмус и да се предвиди буџетот.

Трн: Колкав е буџетот по поле?

Емилија: Кај партнерствата од мал обем, буџетот изнесува 60 000 евра по поле со што може да се одобри една апликација со таа сума или две апликации да добијат по 30 000 евра. Што значи се грантираат вкупно од 4 до 8 апликации во сите полиња заедно.

Трн: Што се партнерства од мал обем?

Емилија: Со отворањето на новата програма 2021 – 2027, малите партнерства се воведоа како еден малку пофлексибилен формат за учесниците во програмата каде што се охрабрува влезот на новодојдени организации или „њукамери“ како што ги викаме, помалку искусни организации или организации кои воопшто немале искуство со Еразмус+. Затоа и буџетите се помали, правилата се пофлексибилни, нема потреба од многу известувања во текот на проектните активности, а целта на овие партнерства е да се унапредат вештините на учесниците во проектот и секако да се подобри капацитетот на самите организации согласно нивните потреби.

Трн: Што треба да знаат апликантите пред да аплицираат?

Емилија: Пред да се аплицира, она што е најважно е апликантот да најде институција-партнер од странство, бидејќи ова се интернационални партнерства. Партнери може да се најдат врз основа

на претходна добра соработка, или препорачуваме да ја погледнат платформата за објавување проектни резултати: „Платформа за Еразмус плус проектни резултати“ каде што само со куцање на еден клучен збор ќе им излезат партнерства и проекти кои се веќе завршени, па може да се искористат за инспирација. Друга можност е алатката за барање партнери на европската платформа ЕПАЛЕ, достапна и на македонски јазик.

Овие мали партнерства имаат пофлексибилен формат, помало времетраење и финансирање преку модел на паушални суми, а нам ни е важно на крајот тие активности да бидат реализирани навремено и со соодветен квалитет.

Трн: Колку држави треба да се вклучени?

Емилија: Кај малите партнерства мора да бидат вклучени минимум две организации од две различни држави учесничи во програмата и под тој критериум не може да се оди. Еден партнер од Република Северна Македонија, во случајов апликантот, мора да се вмрежи со минимум уште една организација учесничка во програмата Еразмус плус. По вмрежувањето тие договараат формат на соработка.

Трн: Кои се приоритетите на европската комисија во однос на апликациите?

Емилија: Во периодот 2021- 2027 Европската комисија ги дефинираше четирите хоризонтални приоритети и апликацијата мора да вклучува еден од нив:

Инклузија и диверзитет

Дигитална трансформација

Зелена агенда

Учество во граѓанскиот живот

Во КА2, во сите полиња каде што се аплицира, мора да биде застапен минимум еден хоризонтален и/или минимум еден секторски специфичен приоритет. Секторски специфични приоритети се потприоритети кои се дефинирани за сите полиња одделно. Праксата покажува дека зелената агенда и дигиталната транзиција се можеби најактуелни приоритети.

Трн: Која е втората фаза и начинот на селекција?

Емилија: Техничка проверка. Откако ќе се поднесе апликацијата, Националната агенција прво го потврдува приемот на сите пристигнати апликации и потоа се проверува исправноста на прикачените документи, односно дали е поднесена во рок, на соодветниот јазик итн. Сите апликации што ќе поминат на техничка проверка подоцна по пат на автоматска јавна распределба се доделуваат на надворешни евалуатори кои квалитативно ги оценуваат.

Квалитативна проверка. Апликациите до 60 000 евра ги оценува еден евалуатор, а ако се над 60 000 евра евалуираат двајца евалуатори. Евалуаторите се надворешни експерти кои се избираат на јавен повик, согласно нивната експертиза во одредени полиња, и тие независно ја читаат апликацијата и даваат оценка согласно однапред утврдени 4 критериуми од страна на Европската комисија. Критериумите се: релевантност на проектот, квалитет на партнерството, квалитет на проектниот дизајн и влијание. Ние добиваме бодови за сите критериуми и согласно тие бодови се формира прелиминарна ранг-листа, која се презентира пред Евалуациона комисија која подоцна ја утврдува исправноста на постапката.

Трн: Колку трае процесот?

Емилија: Процесот трае од 3 до 6 месеци.

Трн: Што по завршување на проектот?

Емилија: Кога проектот ќе заврши, корисникот поднесува финален извештај за сработеното. При оценување на финалните извештаи, фокусот се става на квалитетот на спроведените активности, а помалку на административни и технички прашања.

За времетраење на проектот, имаме механизми за следење на проектните активности. Се обидуваме да бидеме во постојан контакт со корисниците. Ги посетуваме, им даваме насоки и помагаме за надминување на евентуалните предизвици.

Сите заинтересирани може да ги најдат сите информации на Еразмус плус Водичот кој е објавен на нашата веб страница и истиот го подготвува Европската комисија. Линк: https://na.org.mk/Home/ErazmusUpatstva

Досега преку Еразмус програмата во државата се влезени преку 35- 40 милиони евра а во проектите учество зеле над 30 000 учесници.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни