Истрагата за организираната криминална група осомничена за нелегален увоз, дистрибуција и апликација на медицински лекови и медицински помагала, меѓу кои и ботокс-препарати, продолжува со нови приведувања. Во координирана акција, спроведена по наредба на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, вчера биле извршени претреси на пет локации во Скопје, вклучително и во две здравствени установи, при што се приведени три лица, меѓу кои двајца лекари.
Истрага против четири нови осомничени
Врз основа на досега обезбедените докази, надлежниот јавен обвинител донел наредба за спроведување истражна постапка против четири лица. Тројца од осомничените се гонат за кривичните дела: „злосторничко здружување“, „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“.
Четвртото лице е осомничено за кривичното дело „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“. По предлог на обвинителството, Основниот кривичен суд Скопје на сите четворица им изрече мерки на претпазливост.
Предметот е отворен во април
Случајот беше отворен во април годинава, кога обвинителството поведе истрага против 17 физички и шест правни лица, за кои постои основано сомнение дека биле дел од организирана криминална група.
Осомничените се товарат за кривичните дела: злосторничко здружување, повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма, примање поткуп. Обвинителството соопшти дека истрагата продолжува со цел целосно расчистување на случајот и утврдување дали во незаконските активности биле инволвирани и други лица.