Во Македонија се забележува стабилизација на епидемиолошката состојба со вирусот Западен Нил.
Според официјалните податоци, во последната недела се евидентирани пет нови случаи, од кои два сè уште не се потврдени, што е помалку во споредба со претходните три недели кога неделно биле регистрирани меѓу девет и 11 случаи.
Според најновите податоци што денеска ги соопшти министерот за здравство Сашо Клековски, досега се евидентирани вкупно 55 лица, од кои 53 се лабораториски потврдени случаи на западнонилска треска, а за двајца сè уште нема потврда.
Во моментов на Клиниката за инфективни болести се хоспитализирани 19 пациенти. Кај 17 од нив вирусот е потврден, додека двајца се водат како непотврдени случаи. Пет пациенти се на одделот за интензивна нега, а тројца од нив се екстубирани и нивната здравствена состојба е подобрена. Досега 28 пациенти се излекувани и отпуштени од болничко лекување.
Клековски посочи дека просечното болничко лекување трае околу 14 дена. Најкраткиот период до испис бил осум дена, а најдолгото лекување траело 29 дена.
Здравствените власти оценуваат дека преземените мерки и координацијата меѓу Министерството за здравство, здравствените институции и локалните самоуправи придонесуваат за стабилизирање на состојбата. Сепак, следењето продолжува, особено во подрачјата во кои претходно беше регистриран поголем број случаи.
Податоците од крајот на август покажуваат колку брзо се развиваше епидемијата. На 26 август беа регистрирани 50 потврдени и три сомнителни случаи, додека денешниот пресек покажува 53 потврдени случаи.