Борбата за ЛГБТИК+ правата се сели во американскиот Сенат

Со изборот на Крис Папас, првиот отворено геј маж во американскиот Сенат, ЛГБТИК+ заедницата добива нов глас во институцијата во време кога низ САД се предлагаат стотици закони што ги ограничуваат нејзините права.

ЛГБТИК+ кандидатите во САД освоија позиции што до пред една генерација изгледаа речиси незамисливо. На среднорочните избори одржани на 3 ноември, демократот Крис Папас од Њу Хемпшир стана првиот отворено геј маж избран во американскиот Сенат, а организациите за правата на ЛГБТИК+ луѓето проценуваат дека новиот состав на Конгресот ќе биде со најголем број отворено ЛГБТИК+ членови во историјата. Изборите се одржаа речиси точно 14 години по 6 ноември 2012 година, кога Тами Болдвин од Висконсин стана првата отворено лезбијка избрана во Сенатот.

Патот до овие успеси започнал во време на институционална забрана. Во 1953 година, претседателот Двајт Ајзенхауер потпишал извршна наредба со која хомосексуалноста станала основа за отпуштање од федералната администрација. Илјадници вработени ги загубиле работните места во периодот што историчарите го нарекуваат „лавандин страв“. Првите отворено геј и лезбијски политичари се појавиле дури во седумдесеттите години. Елејн Нобл во 1974 година била избрана во законодавниот дом на Масачусетс, а Харви Милк три години подоцна станал член на градскиот совет на Сан Франциско. Милк бил убиен во 1978 година, по помалку од една година на функцијата.

Сенатот останал затворен за ЛГБТИК+ претставниците уште подолго. Пред историскиот успех во 2012 година, Болдвин веќе била првата отворено лезбијка избрана во Претставничкиот дом, во 1998 година. По нејзиниот пробив во Сенатот следувала Кирстен Синема, која во 2018 година станала првата отворено бисексуална сенаторка. На изборите во 2024 година, Сара Мекбрајд од Делавер станала првата трансродова жена избрана во Конгресот. На овие избори таа повторно освоила мандат, со убедлива победа над републиканецот Џозеф Арминио.

Листата на победници на овие избори е подолга од кога било досега. Демократката Џоана Мендоза, отворено ЛГБТИК+ ветеранка на маринците, која служела во периодот на дискриминаторската политика „Не прашувај, не кажувај“, го победи републиканскиот конгресмен Хуан Сискомани во Аризона, освојувајќи 53 наспроти неговите 45 отсто од гласовите. Во Канзас, Шарис Дејвидс, лезбијка и припадничка на народот Хо-Чанк, освои петти мандат, додека во Индијана Џеј Ди Форд стана првиот отворено геј маж од таа држава избран во Конгресот. Бека Балинт од Вермонт, исто така, освои трет мандат.

Победите дојдоа и покрај кампањите што ја ставија трансродовата тема во центарот на изборната трка. Републиканските кандидати во повеќе изборни трки ги насочија своите пораки кон трансродовите спортисти и медицинската грижа за малолетниците, претставувајќи ги овие прашања како прашања на заштита на децата и правичност во спортот. Според ГЛААД, гласачите отфрлиле стотици милиони долари вложени во реклами што ширеле дезинформации за трансродовите луѓе. Во Мисури била отфрлена анти-трансродова мерка на референдум, додека во Вирџинија била изгласана заштита на правото на брак за истополовите парови. Притисокот, сепак, не исчезнува. Американскиот сојуз за граѓански слободи во 2026 година регистрирал 531 предлог-закон насочен против ЛГБТИК+ луѓето во законодавните тела на сојузните држави.


Македонската политичка сцена се движи по многу побавна линија. Првата Парада на гордоста во Скопје се одржа дури во 2019 година, а отворено ЛГБТИК+ политичари на избрани и именувани институционални позиции речиси и да нема. Законот за спречување и заштита од дискриминација, кој експлицитно ги наведува сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за заштита, беше донесен во 2019 година, но Уставниот суд го поништи од процедурални причини. Новиот закон беше повторно изгласан во октомври 2020 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс