„Мејд ин хевен“, петнаесеттиот и последен студиски албум на „Квин“, беше објавен на 6 ноември 1995 година за „Парлофон“ во Велика Британија, а еден ден подоцна и за „Холивуд рекордс“ во САД. Тоа е единствениот албум што групата го објави по смртта на Фреди Меркјури. Составен е од последните снимки на пејачот, но и од материјал што со години останал необјавен. Песните биле снимани во три различни периоди: во 1980 година, од јануари до мај 1991 година и од октомври 1993 до февруари 1995 година.
По завршувањето на албумот „Инуендо“, Меркјури, иако веќе тешко болен, сакал да продолжи да работи сè додека физички може. Во студиото во Монтре, на брегот на Женевското Езеро, снимал вокали и клавирски делници кога имал доволно сила, оставајќи им на другите членови на групата подоцна да ги изградат песните околу неговите снимки. „Мадер лав“ е последната песна што ја напишале заедно Меркјури и Меј, а воедно и последниот вокален настап на пејачот. Снимана е меѓу 13 и 16 мај 1991 година. Меркјури немал сила да ја отпее последната строфа, па на албумот тој дел го изведува Брајан Меј.
Меркјури почина на 24 ноември 1991 година, еден ден откако јавно соопшти дека боледува од СИДА. Тројцата преостанати членови на групата, погодени од загубата, речиси две години не се вратиле на проектот. Во пролетта 1993 година, Џон Дикон и Роџер Тејлор повторно влегле во студиото „Аби роуд“ и почнале да работат на песните It’s a Beautiful Day, Нeaven for Everyone, Made in Heaven, I Was Born to Love You
Албумот не е составен само од последните студиски сесии на Меркјури. Дел од материјалот потекнува од сесиите за „Д воркс“ од 1984 година, а дел од неговиот соло-албум „Мистер Бед Гај“ од 1985 година. Насловната песна и „I Was Born to Love You“ биле преработени со оригиналниот вокал на Меркјури, поставен врз нова инструментална подлога. „let mi live“ првично била снимена со Род Стјуарт за време на сесиите за „Д воркс“, додека „My Life Has Been Saved“ претходно била објавена како Б-страна на сингл во 1989 година. Од последните сесии на Меркјури за албумот биле довршени три песни: „You don’t foul me“, „A winters tail“ и „Mother love“.
Насловната страница е уште едно симболично збогување. На неа е прикажана статуата на Фреди Меркјури, која гледа кон Женевското Езеро во Монтре, дело на чешката скулпторка Ирена Седлецка. Албумот се искачи на првото место на британската топ-листа, додека во САД стигна до 58. место на листата „Билборд 200“. Според „Гардијан“, продаден е во 20 милиони примероци ширум светот. Тој беше и последниот целосен проект на басистот и коосновач на групата, Џон Дикон. Во 2013 година, Брајан Меј го оцени како можеби најдобриот албум што „Квин“ некогаш го снимиле.
Најлична од сите песни е, сепак, „Mother love“. На нејзиниот крај се слуша семпл од повикот и одговорот меѓу Меркјури и публиката на концертот на стадионот Вембли во 1986 година, со почетните звуци на „One Vision“ во позадина. Така, во последните секунди од последната песна што ја отпеал, се враќа звукот од еден од најголемите концерти во неговата кариера.
