Државниот завод за ревизија во извештај утврдил слабости и бројни неправилности во системот за остварување, исплата и контрола на правата од социјална заштита во Македонија.
Во Извештајот објавен денеска, се наведува дека ревизијата, која го опфатила периодот од 2022 година до јуни 2025 година, покажала дека постапките не се целосно усогласени со законската регулатива и дека постојат пропусти во контролите, документацијата и размената на податоци меѓу институциите.
„Поради слабости во системските контроли и размената/преземање на податоци по службена должност за 2024 година ревизорите утврдиле 235 корисници кои истовремено, стекнале, односно користеле и права од социјална заштита и пензија, за што неосновано исплатени се 14.536 илјади денари, односно околу 236 илјади евра од кои:
– 10.763 илјади денари на 190 корисници по основ на гарантирана минимална помош,
– 426 илјади денари по основ на траен надоместок на 5 корисници и
– 3.347 илјади денари по основ на правото на социјална сигурност на старите лица кај 40 корисници“, се вели во извештајот на ДЗР.
Оттаму посочуваат и на недоволна контрола од центрите за социјална работа, нецелосна документација, доцнење во постапките, како и неефикасно следење на враќањето на неосновано исплатените средства. Ревизорите предупредуваат дека ваквите состојби создаваат ризик од нерационално трошење на јавните средства и ја намалуваат ефикасноста на системот за социјална заштита.
„Ревизорите утврдиле дека ЦСР и Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија (АВРСМ) не ја спроведуваат ефикасно законската обврска за изработка и следење на индивидуални планови за активација на невработените корисници на гарантирана минимална помош (ГМП). Плановите се изработуваат во многу мал обем, најчесто рачно наместо електронски, без функционална соработка, координатори и редовни средби меѓу институциите“ велат од ДЗР.
За надминување на утврдените слабости, Државниот завод за ревизија препорачува подобрување на законската рамка, контролите и координацијата меѓу надлежните институции.
Целосниот извештај на ДЗР можете да го прочитате тука.