Шпанскиот премиер Педро Санчес најави предвремени парламентарни избори за 29 ноември, откако неговата влада не успеа да обезбеди поддршка за два итни декрета за справување со кризата со домувањето.
Во обраќањето од палатата Монклоа, Санчес кажа дека е потребна поширока прогресивна поддршка во парламентот за спроведување на реформите. Призна дека владата направила грешки и дека дел од планираните цели останале неисполнети, објави шпанскиот јавен сервис РТВЕ.
Одлуката дојде три дена откако Народната партија, крајнодесничарската Вокс и каталонската Жунтс гласаа против владините декрети. Предложените мерки предвидуваа заштита на ранливите граѓани од иселување и можност за продолжување на одредени договори за наем.
Парламентарниот пораз следуваше по силни мобилизации за правото на домување. Протестите беа поттикнати од иселувањето на Марикармен Абаскал од нејзиниот дом во Мадрид на 23 септември, случај што ја стави станбената криза во центарот на политичката дебата.
Според РТВЕ, декретот за распуштање на парламентот и распишување на изборите се очекува да биде објавен во службениот весник на 6 октомври. Изборната кампања ќе почне на 13 ноември, а денот на изборен молк ќе биде на 28 ноември.
„Ел Паис“ оцени дека отфрлањето на мерките ја потврдило слабоста на парламентарната поддршка за владата. Санчес сега се обидува да ги мобилизира разочараните прогресивни гласачи, додека приватните анкети навестуваат предност за десничарскиот блок на Народната партија и Вокс.