Музичката култура, колекционерството и најсовремената аудио технологија утре се обединуваат во Скопје. Во Diamond Mall, од 10.00 до 22.00 часот, ќе се одржи Интернационалниот саем на музика, винил и аудио опрема. Настанот нуди богата понуда на плочи, сувенири и ретки изданија од 27 излагачи од регионот и Европа. Ова е ретка можност за директна средба и размена меѓу колекционерите, издавачите и уметниците.

Македонска и европска понуда на едно место
Во текот на целиот ден посетителите ќе можат да истражуваат богата понуда на винилни плочи, компакт дискови, музички сувенири и ретки колекционерски изданија. Аудио опремата и изданијата ќе бидат претставени од 27 учесници кои доаѓаат од Македонија, Србија, Грција, Германија, Италија, Бугарија и Холандија. Саемот претставува ретка можност за директна средба и размена меѓу колекционери, издавачи, музичари и љубители на музиката од регионот и Европа.

Премиерно преслушување на Тоше Проески
Посебна вредност на настанот му дава богатата програма исполнета со промоции, разговори и потпишувања на албуми, каде посетителите ќе имаат можност непосредно да се сретнат со автори, музичари и издавачи. На саемот ќе бидат претставени десетици домашни изданија, од современа македонска продукција до култни албуми кои оставиле траен белег на музичката сцена. Меѓу нив, за првпат ексклузивно ќе се организира премиерно преслушување на тест принтови од првото винил издание на албумот „Игри без граници“ на Тоше Проески.
Изложби, панели и диџеј сетови
Атмосферата во текот на денот ќе ја збогатуваат настапите на селектирани диџеи од Македонија, Србија, Грција и Бугарија, кои ќе понудат музичко патување низ различни жанрови и епохи. Посетителите ќе можат да ја разгледаат и изложбата на канвас фотографии и оригинални врамени текстови од историјата на македонската рок сцена. Покрај изложбениот дел на аудио опрема, ќе бидат организирани презентации за процесот на производство на винилни плочи, вклучително и видео презентација на фабриката Sony во Австрија, како и претставување на европски издавачки куќи. Дополнителна содржина ќе понудат панел-дискусијата „Музичко издаваштво во Македонија – Лет во место?“ и музичкиот квиз.
