САД и Иран продолжија со меѓусебни напади, а новата ескалација на конфликтот дополнително ја зголеми загриженоста за стабилноста на Блискиот Исток и влијаеше врз светските енергетски пазари.
Американската Централна команда соопшти дека извршила напади врз десетици цели поврзани со иранските системи за противвоздушна одбрана, крајбрежни радари, ракетни и беспилотни капацитети, како и помали пловни објекти. Според Вашингтон, станува збор за поширока операција насочена кон воени инфраструктури.
Од друга страна, Иранската револуционерна гарда соопшти дека погодила бази што ги користат американските сили во Јордан, Бахреин и Кувајт. Информацијата ја пренесе иранската државна агенција ИРНА, а Техеран оцени дека дипломатските напори во моментов се „сведени на ништо“.
Новите напади веднаш се одразија врз пазарот на нафта. Цената на суровата нафта „брент“ за испорака во септември порасна за речиси четири проценти и достигна околу 79 долари за барел, додека американската WTI нафта исто така забележа сличен раст и се искачи над 74 долари за барел.
Аналитичарите предупредуваат дека понатамошна ескалација би можела дополнително да ги наруши енергетските текови во регионот и да предизвика нов притисок врз глобалните пазари.