САД го објавија договорот со Иран: Отворање на Ормускиот Теснец, укинување санкции и 300 милијарди долари за обнова

Вашингтон го објави текстот на привремениот договор со Иран. Документот предвидува прекин на конфликтите, отворање на Ормускиот Теснец, постепено укинување на санкциите и инвестиции од најмалку 300 милијарди долари.

САД официјално го објавија текстот на привремениот договор со Иран, познат како „Исламабадски меморандум за разбирање“, откако во јавноста претходно протече неофицијална верзија на документот. Спогодбата содржи 14 точки и претставува рамка за намалување на тензиите меѓу Вашингтон и Техеран, повторно отворање на Ормускиот Теснец и идни преговори за иранската нуклеарна програма.

Според американски претставници, меморандумот овозможува веднаш да се обнови слободната пловидба низ Ормускиот Теснец, да се воспостави механизам за контрола на иранските нуклеарни резерви и да се отвори пат за постепено олеснување на економските санкции кон Иран. Меѓу најважните точки е обврската на двете страни за итен и траен прекин на воените операции и воздржување од употреба на сила. Документот предвидува и почитување на суверенитетот и немешање во внатрешните работи на двете држави.

Вашингтон и Техеран се обврзуваат во рок од 60 дена да постигнат конечен договор, со можност рокот да биде продолжен со заемна согласност. САД ќе започнат со укинување на поморската блокада и ограничувањата кон Иран веднаш по потпишувањето на меморандумот, а во рок од 30 дена треба целосно да се нормализира поморскиот сообраќај. Истовремено, Иран се обврзува да обезбеди безбеден премин за трговските бродови низ Ормускиот Теснец и да спроведе операции за расчистување на евентуални поморски пречки.

Особено внимание привлекува точката според која САД ќе подготват план за инвестиции и економски развој на Иран во вредност од најмалку 300 милијарди долари, со учество на регионални партнери.

Документот предвидува и постепено укинување на американските и меѓународните санкции против Иран, како и ослободување на замрзнатите ирански средства во странство.

Во делот за нуклеарната програма, Иран повторно потврдува дека нема да развива нуклеарно оружје. Двете страни се согласуваат резервите на високо збогатен ураниум да бидат ставени под надзор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), додека деталите за идниот нуклеарен режим ќе бидат предмет на дополнителни преговори.

До постигнување на конечен договор ќе важи статус кво: Иран нема да го проширува нуклеарниот програм, а САД нема да воведуваат нови санкции ниту дополнително воено присуство во регионот. Конечниот договор, според меморандумот, треба да биде потврден со обврзувачка резолуција на Советот за безбедност на Обединетите нации. Според најавите, официјалното потпишување на документот е закажано за 19 јуни во Швајцарија, по што ќе започнат интензивни преговори за финализирање на трајната спогодба меѓу Вашингтон и Техеран.

е-Трн да боцка во твојот инбокс