Руските командири му лажираа победи до раководството, па загубија позиции на фронтот

Лажните извештаи од теренот директно го забавија руското напредување на фронтот во Украина. Откако руските командири му репортираа фиктивни победи на воениот врв во Кремљ, украинските сили ја искористија дезорганизацијата и покренаа успешна контраофанзива во Доњецката област. Соочена со загуба на заземените позиции и огромни човечки загуби, Москва сега ја менува воената тактика кон систематско уништување на украинската економска и енергетска инфраструктура.

Проблемите во руското напредување започнаа од самите извештаи на теренските единици. Руски војници и офицери, под притисок од очекувањата на претпоставените, редовно испраќаа податоци за освоени позиции кои во реалноста сè уште беа под украинска контрола. Руските воени блогери и каналите на Телеграм ги пренесуваа тие тврдења и цртаа мапи со непостоечки победи.

Кога извештаите стигнаа до генералите, настастана целосен метеж. Командирите беа принудени да трошат луѓе и муниција за дополнително да ги освојуваат местата за кои веќе излажале дека се нивни. Ова создаде погрешен распоред на силите, што украинската армија го искористи за контраудар.

Украинските бранители ја искористија руската конфузија на северот од Доњецката област и ја покренаа операцијата наречена „Вивалди“. Во оваа акција беа вратени под украинска контрола делови од територијата што претходно ги држеа руските сили, со што директно се елиминираше опасноста од опколување на градот Славјанск.

Истовремено беа изведени успешни дејства и на други правци, што ги поништи повеќемесечните руски територијални придобивки. Според проценките од теренот, руската армија трпи големи загуби кои достигнуваат околу 30.000 војници месечно, без да успее да ја исполни клучната цел: целосно заземање на преостанатиот дел од Донбас.

Поради застојот на копно, Кремљ ја смени насоката на воените дејства. Наместо класични офанзиви со пешадија, новиот руски фокус е насочен кон парализирање на украинското стопанство, уништување на енергетската мрежа и блокирање на извозот преку црноморските пристаништа.

За разлика од претходните периоди кога нападите беа ограничени поради високата цена на балистичките ракети и бавните ирански беспилотни летала, Русија сега разви масовно производство на дронови на млазен погон. Овие летала летаат со поголема брзина и овозможуваат секојдневни масовни удари длабоко во украинската позадина, додека Киев сè уште бара ефикасен одговор за новата закана.

Новата воена стратегија носи огромни финансиски последици за Москва. Рускиот воен буџет за 2027 година се проектира на над 200 милијарди долари. Буџетскиот дефицит за 2026 година достигна 3,2 отсто, а јавниот долг ја надмина границата од 20 проценти, која властите ја сметаа за безбедносна црвена линија.

За да ја финансира војната, власта воведе повисоки даноци за рударските и металуршките компании и започна забрзано да троши од Фондот за национално богатство. Кремљ се потпира на претпоставката дека сопствените ресурси ќе издржат подолго од економијата на Украина и помошта што доаѓа од западните партнери.

е-Трн да боцка во твојот инбокс