НАТО потврди: Руски дрон удрил во станбена зграда во Романија

Алијансата најави проценка за зајакнување на одбраната од беспилотни летала, а САД порачаа дека ќе ја бранат секоја педа од територијата на НАТО.

Дронот што падна врз станбена зграда во Романија за време на руски напад врз соседна Украина бил руски, соопшти портпаролот на НАТО, Мартин О’Донел. Инцидентот повторно ги крена тензиите на источното крило на Алијансата, бидејќи Романија е членка на НАТО и на Европската Унија.

Од НАТО најавија дека ќе проценат како дополнително да ја зајакнат одбраната на Романија и на целата Алијанса од закани од беспилотни летала. Дронот погодил станбена зграда во Галаци, при што биле повредени две лица и избувнал пожар, додека романските власти го оценија случајот како сериозно нарушување на безбедноста.

Постојаниот претставник на САД во НАТО, Метју Витакер, го осуди „неодговорниот упад“ и порача дека Соединетите Американски Држави ќе ја бранат „секоја педа од територијата на НАТО“. Алијансата, пак, повтори дека ќе остане подготвена да ја заштити секоја сојузничка земја.

Москва ја оспорува одговорноста и тврди дека потеклото на леталото треба дополнително да се утврди. Но за НАТО и Букурешт, падот на дронот врз станбена зграда во Романија е уште еден знак дека војната во Украина сè почесто се прелева врз безбедноста на Европа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс