Претседателот на Романија, Никушор Дан, го оцени синоќешниот инцидент во Галати како „најсериозен безбедносен инцидент на територијата на Романија од почетокот на руската агресија врз Украина“, откако руски дрон удри во станбена зграда во романскиот град.
По разговорот со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, Дан порача дека целосната одговорност за инцидентот ја носи Руската Федерација.
„Целосната одговорност е на Руската Федерација, чие однесување покажува целосно непочитување на меѓународното право и безбедноста на граѓаните на членка на НАТО“, изјави романскиот претседател.
Тој нагласи дека Романија ќе продолжи да соработува со НАТО за зајакнување на одбраната на источното крило на Алијансата.
„Романија е силен сојузник и нема да прифати руската агресија против Украина да ја загрозува безбедноста на романските граѓани“, рече Дан.
Романската влада соопшти дека рускиот амбасадор е повикан на разговор по инцидентот. Министерката за надворешни работи Оана Тоју потврди дека дронот што се урна во десеткатна станбена зграда во раните утрински часови бил од руско потекло. Ударот предизвикал експлозија и пожар.
„Безбедноста на Романија е наш апсолутен приоритет“, напиша Тоју на платформата Икс.
Таа додаде дека Букурешт формално ќе ја информира Русија за последиците врз дипломатските односи, а ќе разговара и за следните чекори на европско ниво, вклучително и за нови пакети санкции.
Поради инцидентот, претседателот Дан утрово свика состанок на Врховниот совет за национална безбедност.
Остра реакција испрати и чешкиот претседател Петр Павел, кој оцени дека нападот бара „силен меѓународен одговор“.
„Синоќешниот напад од руски дрон врз станбена зграда во Галати, во кој беа повредени две лица, е целосно неприфатлив. Сепак, не смееме да застанеме само на заедничка осуда“, рече Павел.
Тој додаде дека го поддржува повикот на романскиот претседател за силна реакција.
„Русија мора јасно да разбере дека нема да толерираме вакви напади“, порача чешкиот претседател.
Унгарскиот премиер Петер Маѓар го осуди инцидентот „најостро“ и изрази солидарност со романскиот народ.
„Вчерашниот напад со руски беспилотни летала уште еднаш покажува дека единството на Европа и НАТО е поважно денес од кога било“, рече Маѓар.
Неговиот претходник Виктор Орбан, пак, го искористи инцидентот за повторно да повика Унгарија да одржува „политика на неутралност“ кон војната во Украина.
„Овој инцидент потврдува дека војната е директна закана за соседните земји“, рече Орбан, повикувајќи ја новата влада во Будимпешта да не ја следи, како што рече, „политиката за војна што ја застапуваат делови од Европа“.
Во својата реакција, Орбан не ја осуди директно Русија.