Најмалку пет лица се повредени при директен удар на руски дрон во седиштето на телевизискиот канал „Ние сме Украина“ во Киев, потврди украинскиот претседател Володимир Зеленски. Нападот се случил додека новинарите воделе програма во живо. Во серијата руски ракетни и дронски напади врз украинскиот главен град во текот на изминатите 24 часа загинаа најмалку пет лица, а 25 се ранети, соопшти Државната служба за вонредни состојби (ДСНС).
Ударот врз просториите на телевизијата предизвика делумно уривање на зградата, а снимките и фотографиите што ги објавија властите покажуваат искршени прозорци, уништена опрема и чад во студиските простории. Петмина вработени веднаш биле префрлени во болница со телесни повреди.
Зеленски го нарече овој напад „нова страница на руската деградација“.
„Русија денеска нападна медиуми и новинари“, изјави украинскиот претседател, упатувајќи нов апел до сојузниците во САД и Европа за итно засилување на противвоздушната одбрана и заеднички притисок врз Москва.
Ударот врз медиумскиот центар доаѓа непосредно по разговорите што специјалниот пратеник на Доналд Трамп ги водеше во Киев и Москва минатиот викенд. Според извештаите, тогаш беше најавен тридневен прекин на нападите врз главните градови, но теренот покажува поинаква слика.
Сирените за воздушна опасност во Киев беа активни со часови. Државната служба за вонредни состојби потврди дека проектилите и дроновите погодиле неколку цивилни локации низ градот, при што бројот на загинати достигна пет лица. Спасувачките тимови со часови ги расчистуваа урнатините во потрага по евентуално заробени граѓани.