Руски воен брод вчера изведе получасовна вежба со боево гаѓање во меѓународни води, околу 74 километри јужно од Плимут, пристанишен град во Велика Британија. Вежбата ја надгледуваше бродот на британската Кралска морнарица ХМС Тајн. Настанот го потврди портпаролот на британското Министерство за одбрана.
Пред почетокот на гаѓањето, рускиот брод го известил британскиот патролен брод ХМС Тајн за своите намери. Побарал да се оддалечи на безбедно растојание, а британскиот екипаж тоа и го направил.
Портпаролот на британското Министерство за одбрана изјавил дека рускиот брод, придружуван од Кралската морнарица, вчера извел вежба со боево гаѓање во меѓународни води, околу 40 наутички милји јужно од Плимут.
„Кралската морнарица цело време ја надгледуваше вежбата. Продолжуваме внимателно да ги следиме активностите на бродот и сме подготвени да ја заштитиме националната безбедност на Обединетото Кралство”, додал портпаролот.
Рускиот брод се вика „Бестрашен“. Тој ги следи танкерите на руската „флота во сенка” низ каналот Ла Манш. Ова е вториот руски воен брод во последниве неколку недели што ја извршува таа задача.
Минатиот месец, претходникот на „Бестрашен“, бродот „Адмирал Григорович“, предупредувачки испукал кон британски пар на јахта.