Руски хакери во изминатата година организираа обемна сајбер-шпионажа насочена кон американски нуклеарни научници, одбранбени компании и владини службеници. Според извештаите на безбедносни агенции од САД и нивните сојузници, напаѓачите се фокусирале на технологија за нуклеарна фузија и разузнавачки податоци кои можат да му помогнат на Кремљ во војната со Украина.
Американската фирма за безбедност на е-пошта „Пруфпоинт“ (Proofpoint) истражуваше дел од активностите и потврди дека цел биле сервери на нуклеарни инсталации и одбранбениот сектор. Истражувачот Грег Лесневич за Си-Ен-Ен изјави дека хакерите ги таргетирале овие субјекти за да ги видат достигнувањата на САД во областа на нуклеарната фузија.
Агенциите за безбедност од САД и повеќе од десет сојузнички земји предупредија за тековна кампања. Според нивниот извештај, софтверскиот упад овозможува кражба на тримесечна комуникација и целосен именик на организацијата. За тоа не е потребно жртвата да кликне на линк, туку само да ја отвори е-пораката.
Западните разузнавачи забележале дека руската група прво ги тестирала техниките врз украински корисници. Британскиот министер за безбедност Дан Џарвис изјави дека е загрижувачки што методите биле испробани во Украина пред да се насочат кон членките на НАТО. Шерод Дегрипо од безбедносната фирма „Пало Алто Нетворкс“ додава дека целта била добивање стратешки увид во западните воени информации и логистика.
Американските власти веќе преземаат правни чекори. Во Тајланд во ноември беше уапсен руски државјанин во своите триесетти години, кој минатиот месец беше екстрадиран и се појави пред судот во Бостон.
Брет Литерман од сајбер-одделот на ФБИ потврди дека по почетното затишје по инвазијата во 2022 година, во последната година има значителен пораст на руските сајбер-напади врз САД.