Генералниот директор на Меѓународна агенција за атомска енергија (ИАЕА), Рафаел Маријано Гроси, изрази сериозна загриженост откако руската државна нуклеарна компанија Росатом соопшти дека украински дрон погодил објект во нуклеарната електрана Запорожје, најголемата нуклеарна централа во Европа.
Од ИАЕА информираа дека за инцидентот биле известени од раководството на електраната, која моментално е под руска контрола.
„Генералниот директор на ИАЕА, Рафаел Гроси, изразува сериозна загриженост поради пријавениот инцидент, кој ги загрозува седумте неопходни столбови за нуклеарна безбедност во услови на вооружен конфликт, како и петте конкретни принципи за заштита на нуклеарната централа Запорожје“, соопштија од агенцијата.
Нема повредени и нема штета на нуклеарните системи
Од ИАЕА потсетуваат дека нивните принципи јасно предвидуваат дека не смее да има напади ниту од нуклеарната централа, ниту врз неа.
Според информациите на агенцијата, која побарала пристап до погодената турбинска зграда за директна проценка на штетата, станува збор за прв напад со дрон во рамките на периметарот на електраната од април 2024 година.
„Нападите врз нуклеарни постројки се исто како играње со оган“, предупреди Гроси.
ИАЕА најави дека ќе објави дополнителни информации откако нејзиниот тим ќе добие пристап до местото на инцидентот и ќе ги утврди околностите на настанот. Во моментов нема извештаи за повредени лица, ниту за оштетувања на нуклеарните системи на централата.