Казахстан и Киргистан воведоа засилени санитарни контроли на границите по веста за смртта на лабораториската техничарка Дарија Шипилова од Иркутскиот институт за истражување на чума. Додека руските власти тврдат дека нема никаков инцидент со опасниот патоген, американскиот државен секретар Марко Рубио побара Москва веднаш да сподели информации со светот. Вашингтон соопшти дека будно го следи развојот на настаните, а Доналд Трамп најави директен разговор со Владимир Путин.
Според наводите што ги објавија руските медиуми, 28-годишната Шипилова на 25 септември наводно скршила епрувета со бактеријата Yersinia pestis, предизвикувачот на чума. Набрзо потоа развила симптоми на тешко воспаление на белите дробови. Била хоспитализирана на 29 септември, а починала на 2 октомври во болница во градот Шелехов.
Руската сојузна служба „Роспотребнадзор“ категорично ги отфрли ваквите тврдења. Според нивното соопштение, кај вработената била дијагностицирана пневмонија од неутврдена природа, а две посебни комисии не пронашле докази за лабораториски инцидент. Сепак, властите досега не презентираа јавни дијагностички наоди или целосни извештаи од комисиите.
Конфузијата во јавноста дополнително ја зголемија противречните изјави на регионалните лидери. Гувернерот на Иркутската област, Игор Кобзев, првично спомна сомнеж за „особено опасна инфекција“. Раководителот на соседната република Бурјатија, Алексеј Циденов, првин изјави дека техничарката починала од чума, за подоцна да се коригира дека тоа било само „веројатно“.
Локалната власт во градот Бајкалск дури им препорача на своите граѓани да не патуваат во Шелехов каде што се лекувала починатата, но тоа предупредување набрзо беше повлечено од јавноста.
Поради протокот на нецелосни информации, соседните држави повлекоа конкретни потези. Казахстан почна проценка на ризикот од внесување на заразна болест и ги заостри прегледите на граничните премини, а подготвеноста ја подигна и Киргистан. Ниту една од овие земји не прогласи појава на епидемија на своја територија.
Американскиот државен секретар Марко Рубио, говорејќи на Исланд, изјави дека ситуацијата се следи од час во час и дека САД имаат капацитети да помогнат доколку состојбата е посериозна од тоа што го признава Москва.
Аналитичарите во меѓувреме потсетуваат дека белодробната чума, иако се пренесува меѓу луѓе, не се шири лесно како респираторните вируси, а докази за поширока епидемија во Русија во моментов нема.